181 стартапи одат во фазата на финална селекција на вториот јавен повик “Стартапувај 2“ на Фондот за иновации и технолошки развој и Светската банка. Фондот на овие апликанти им овозможи и прилагодување на веќе доставените инвестициски планови кон новонастанатите услови на пазарот. Со оваа мерка, вкупниот буџет на повикот од 1,5 милиони евра сега ќе се намени за инвестициски планови прилагодени кон потребите за брз развој и почеток на економско заздравување.
Вкупниот износ на планираните инвестиции кај овие новоосновани компании е над 6.5 милиони евра, од кои 1,4 милиони евра се сопствени средства на домашните компании. Побаруваниот износ е 3,5 пати повисока од предвидениот обем на средства кој за овој јавен повик е 1,5 милиони евра.
Околу 80% од апликантите, или 147 се нови, односно првпат поднесуваат предлог – проекти до Фондот, 33 аплицираат по втор или повеќе пати, додека само 5 се постојни корисници на средства на Фондот.
Според анализите, овие компаниите планираат 512 нови вработувања за реализација на предложените проекти. Најголем дел од нив се микро (158) и мали (23). Доминантен е ИТ секторот, но апликации има и од 14 други области, меѓу кои маркетинг, трговија и продажба, медицина и здравство, како и угостителство, земјоделство и образование.
Фокусот на овој инструмент се младите, а целта е поттикнување на истражувачките и развојните процеси на нови бизниси.
Процесот на финална селекција продолжува онлајн, во согласност со препораките за превенција и заштита од КОВИД 19. Проценката на ризик и предложените мерки за прилагодување од самите компании се и составен дел од натамошниот процес на евалуација и одлуката за доделување на ко-финансирање. Конечната одлука за ко-финансирање ќе ја донесе Комитетот за одобрување на инвестиции, составен од пет странски експерти согласно утврдените критериуми за оценка: степен на иновативност, квалитет на проектот, капацитет на проектниот тим, пазарен потенцијал и влијание.
Инаку на повикот “Стартапувај 2“ имаше рекордни 235 пријавени компании, што е за 30% повеќе во споредба со првиот повик наменет за поддршка на стартапи реализиран минатата година на кој беа пријавени 186 апликанти. Од нив 203 преминаа во фазата на претселекција за која беа ангажирани дел од над 200 домашни стручни лица, организирани во 23 области.
Покрај можностите за прилагодуваење кон новонастанатите услови на пазарот на веќе доставените инвестициски планови за два тековни јавни повици објавени пред кризата – Технолошки развој и Стартапувај 2, Фондот во соработка со Светската Банка и други домашни и меѓународни партнери работи и на натамошни мерки што треба да овозможат итна поддршка и брзо прилагодување на бизнисот и економијата.