12.8 C
Скопје
17. мај 2024
Centar.mk – Вести, бизнис, забава, спорт…
МАКЕДОНИЈА

РСБСП: Не ги користете полупразните булевари за беснеење во сообраќајот

Не ги користете полупразните булевари за беснеење во сообраќајот, апелираат од Републичкиот совет за безбедност во сообраќајот и патиштата (РСБСП).

Оттука велат дека и покрај тоа што интензитетот на сообраќајоте намален, поради препораките за коронавирусот, црната статистика повторно е полна со голем број на сообраќајни незгоди и голем број на повредени и загинати лица, а се пишува и за организација на ноќни трки во Тетово.

„Во ситуација кога СЗО прогласи пандемија, во ситуација во која секојдневно на светско ниво стигаат информации за нови заразени и починати лица поради таканаречениоткорона вирус, во ситуација кога капацитетите на МВР и на здравствените институции се максимално мобилизирани да се спречи понатамошното ширење на вирусот, во ситуација кога пред сите надлежни институции, и пред сите нас како граѓани, е исправен еден сериозен предизвик за спречување на ширењето на корона вирусот и минимизирање на последиците од него, да се беснее по улиците, да се користат полупразните булевари за достигнување на максимални брзини, да се организираат трки, е надвор од сите хумани и цивилизациски вредности“, велат од РСБСП.

Советот за безбедност во сообраќајот го осудува секое девијантно и неодговорно однесување во сообраќајот и апелира до сите учесници во сообраќајот, да бидат внимателни и одговорни, да ги почитуваат сообраќајните правила и прописи, особено правилата за ограничување на брзината.

„Со дисциплинирано и одговорно учество во сообраќајот, најпрво ќе си помогнете на самите себе, ќе го заштитите сопствениот живот и сопственото здравје, а потоа и животот и здравјето на останатите учесници во сообраќајот. Бидете свесни и совесни и како граѓани и како учесници во сообраќајот. Со одговорното однесување во сообраќајот ќе си помогнете на себе, на другите, но ќе помогнете и на МВР и на здравствените институции за полесно справување со коронавирусот“, додава РСБСП во апелот.