3.8 C
Скопје
26. април 2024
Centar.mk – Вести, бизнис, забава, спорт…
МАКЕДОНИЈАТОП ВЕСТИ

Заев: Мерките и препораките од институциите се за доброто на граѓаните, должност и одговорност на сите е да ги почитуваме

Интегрално ја пренесуваме изјавата на претседателот на СДСМ Зоран Заев по лидерска средба за Ковид-19:

Одржавме продуктивна, конструктивна средба на која разговаравме за решенијата на институциите за справување и надминување на состојбите со вирусот Ковид – 19.

Добро е што сите се сме на иста маса околу она што е најважно, а тоа е заштитата на здравјето на граѓаните, затоа што здравјето секому треба да му биде над се останато.

Повторувам, здравјето на граѓаните во моментов е, и мора да биде највисок приоритет на сите институции и сите политички субјекти.

Во таа насока се и новите мерки што денеска беа соопштени, како што е забраната за собири и јавни настани, но и препораките за кафичите и рестораните да обезбедат соодветно растојание меѓу гостите.

На сила се уште се мерките што претходно беа утврдени. Градинките, училиштата универзитетите се уште нема да работат.

Останува обврската еден од родителите на деца до 10 години кои се ослободени од градинка или училишта да бидат ослободени од работа. Апелирам до граѓаните на кои оваа обврска им е оневозможена, веднаш да пријават во Државниот инспекторат за труд.

На средбата денеска утврдивме дека начинот на водење на предизборната кампања ќе биде целосно усогласен и прилагоден на мерките, заклучоците и препораките што ги добиваме од Министерството за здравство и владините институции.

Овие мерки се за доброто на сите граѓани, за заштита на здравјето на народот, за побрзо и ефикасно справување со ситуацијата. Имаме должност и одговорност сите да ги почитуваме и следиме. Апелирам, до сите граѓани и сите партии, да не мрднеме ниту милиметар од препораките на надлежните институции.

Институциите покажаа капацитет и умешност во одржување на вирусот под контрола. Убеден сум дека со заедничка посветеност, со активен придонес на сите граѓани на сите институции, на сите политички субјекти оваа состојба набрзо ќе биде надмината.

Конечно,

Сите да се спротивставиме на лажните вести. Ширењето страв и паника кај населението е кривично дело. Апелирам граѓаните да се информираат исклучиво преку официјалните информации на институциите.

Благодарам.

Спонзорирано: