Затворањето на сите образовни институции ја наметна потребата за згрижување на децата до десет годишна возраст, поради што како Влада донесовме одлука еден од родителите да биде ослободен од работните обврски, независно од тоа дали работи во јавниот или во приватниот сектор. Владата преку секторите за финансии и економија прави проценки за евентуален надоместок на ефектите што ќе се јават од овие мерки.
Ова го соопшти Дамјан Манчевски, потпретседател на СДСМ и министер воВладата во вечерашната дебата „Отворено“ на ТВ 24.
„Одлуката на Владата предвидува мерки за згрижување за децата до десет годишна возраст, односно заклучно со децата што одат во четврто одделение. За овие деца е потребно надзор и затоа се одлучивме еден од родителите да биде ослободен од работните обврски, независно дали е во јавниот или во приватниот сектор, но ќе треба да обезбеди соодветна потврда од градинка или од училиште и таа потврда да гласи само на името на еден родител. Потврдата треба да ја достават до работодавецот до следната пресметка за плата. Се работи за платено отсуство“, информираше Манчевски и додаде дека мерката за платено отсуство ги опфаќа и бремените жени и хронично болните.
Тој нагласи дека оваа мерка не важи за вработените во здравствениот сектор, безбедноста и полицијата, но додаде дека Владата е подготвена за семејствата кадешто и двајцата родители се вработени во овие сектори, да излезе со дополнителни мерки со кои ќе им се помогне и на овие семејства.
„Владата дополнително забранува собири над 1000 луѓе, а препорачува да не се одржуваат собири и под 1000 луѓе. Но, иако е препорака Владата и органите на државната управа веќе ги откажуваат сите настани и од помал обем. Голем дел од состаноците што се организираат и на меѓународно ниво се откажани. Се придржуваме пред се на она што се национални проценки и мерки, но ги следиме и трендовите на други европски земји. Целта е да не дозволиме услови да се прошири вирусот. Станува збор за превенција луѓето не треба да паничат, само треба сите да се придржуваме до мерките и препораките, со што ќе ја намалиме опасноста да не бидеме загрозени како граѓани“, порача Манчевски.
Во однос на тоа како ќе се надополни изгубената настава, Манчевски информираше дека Министерството за образование во следните денови ќе направи проценка и ќе донесе конкретна одлука. Едната опција е да се одработуваат изгубените училишни денови со одредена динамика, додека втората опција е да се скрати оваа учебна година.