11.8 C
Скопје
28. март 2024
Centar.mk – Вести, бизнис, забава, спорт…
ТЕМАМАКЕДОНИЈАТОП ВЕСТИ

Заев најави економски бум во Македонија: 100.000 нови работни места, 36.000 денари просечна и 18.000 минимална плата до крајот на новиот мандат

За помалку од три години, преку одговорни и успешни економски политики успеавме да ја извадиме државата од финансискиот колапс во кој беше заглавена. Во време кога се обезбедуваше слободата во општеството и кога се решаваа клучните стратешки прашања за државата, ја кренавме економијата и ја поставивме на стабилни и реални основи, рече лидерот на СДСМ, Зоран Заев на денешната прес конференција.

 

– Денес, со гордост можеме да кажеме дека направивме сериозен исчекор на економски план, потврден преку официјални податоци.

Платите растат во сите сектори, имаме рекордно високи странски инвестиции, невработеноста е на историски минимум од 17.1 отсто, животниот стандард расте.

Но нема да застанеме тука. Политиките што ги спроведуваме во економијата, отвораат простор за уште поголем раст. Ние знаеме и можеме уште повеќе и уште подобро.

Сега следуваат четири години мандат за најголемиот скок на нашата, македонската економија, рече Заев.

Според Заев, следува рекордно намалување на невработеноста и рекорден раст на платите.

-Создаваме мерки и политики со кои Северна Македонија станува земја со ниска невработеност, држава во која платите растат брзо во сите сектори.

Во новиот мандат уште повеќе ги поддржуваме домашните фирми, а со членството во НАТО носиме рекорден број странски инвестиции.

Затоа во новата програма имаме предвидено суштински и реални мерки и политики.

До крајот на мандатот, до 2024 година, ќе отвориме 100.000 нови работни места. Ако можевме за 2,5 години да отвориме 60.000 конкретни, јасно видливи работни места главно во реалниот сектор, знаеме и можеме за полн мандат од 4 години да отвориме 100.000 нови работни места.

Поддршката за домашни и странски инвестиции ја зголемуваме и ја проектираме во износ од 300 милиони евра до крајот на мандатот. На ова додаваме уште 300 милиони евра европски средства за развој на домашната економија. Тоа се вкупно 600 милиони евра за развој на бизнисот, за фирмите, за нови работни места, за иновации, за стартапи, за младите, за работа тука дома, во нашата татковина, вели лидерот на СДСМ, Зоран Заев.

Со ова, невработеноста ќе ја донесеме под 8%, односно под 20% кај младите. Денес стапаката на невработеност изнесува 17,1 кај општата популација и 35 отсто кај младите и е сериозно намалена во споредба со 2017 година, убеден е Заев.

– За само две и пол години, минималната плата ја покачивме за 60 отсто или за 5.500 денари, а просечната за над 4.000 денари. Покажавме дека платите можат да растат во сите сектори. За само две и пол години просечната плата ја зголемивме на 450 евра.

Затоа, во новиот мандат растот на платите продолжува и тој ќе биде и побрз и посилен. Просечната плата ќе порасне на 36.000 денари. Минималната на 18.000 денари.

600 евра просечна, 300 евра мининална плата.

Вложувањето во човековиот капитал е вистинскиот, правиот пат.

Затоа, платите на вработените во образованието и здравството  ќе пораснат за 20 отсто.

Продолжува и субвенционирањето на придонесите за сите компании кои ќе ги зголемат платите од 600 до 6000 денари по вработен.

Ги унапредуваме условите за работа во ИТ индустријата која е генератор на илјадници добро платени работни места.

До 2023 година персоналниот данок во ИТ индустријата го намалуваме до 0%.

Заедно со мерките на повраток на персоналниот данок, директно во самата индустрија, за конечно сите во ИТ индустријата да плаќаат 0% данок.

Ќе развиеме и еден нов модел на номади и слични меѓународно признати механизми, за развој на оваа важна индустриска гранка.

За оние кои сакаат да се обучуваат, доообучуваат или преквалификуваат, обезбедуваме целосен поврат на персоналниот данок за обука, дообука и преквалификација.

Покрај младинскиот додаток на плата од 3.000 денари, уште повеќе инвестираме во младите и во намалувањето на младинската невработеност.

Развиваме целосно нови стратегии преку грантови или неповратни средства од 5.000 – 15.000 евра за млади и жени за отворарање на сопствени бизниси, каде државата го презема поголемиот дел од ризикот при евентуален неуспех.

Обезбедуваме поврат на персонален данок за сите нововработени до 29 години во првите две години. Парите ќе одат директно на сметка кај младите.

Почитувани,

Ова е дел од економската понуда во новата Програма на СДСМ со која настапуваме пред граѓаните.

Имавме можност во скратениот мандат од две и пол години да покажеме дека ние нашите ветувања ги остваруваме. Дека нашите мерки се реални, остварливи и одржливи.

Покажавме дека ако се работи чесно и одговорно има пари за се во државата. И за поголеми плати и пензии, поголема социјална помош, за повисоки субвенции за земјоделците.

Сега, со чесна и одговорна понуда бараме од граѓаните мандат од четири години за да покажеме дека невработеноста може уште многу да се намалува, дека платите и пензиите можат уште повеќе да растат, дека има пари и за поддршка на компаниите, на земјоделците, на ранливите категории граѓани.

Убедени сме дека граѓаните ќе ја препознаат нашата чесна понуда наспроти лажните ветувања и ќе дадат поддршка на концептот на СДСМ што носи повеќе пари кај секој граѓанин, кај секое семејство.

Убедени сме дека ќе застанат зад нас и заедно ќе продолжиме по вистинскиот пат, пат кон економски раст и развој и силна економија.

Со ваквиот раст на економијата, гарантираме нови 100.000 работни места и голем раст на сите плати.

Продолжуваме со работа, уште повеќе, и уште подобро, и носиме голема победа за сите граѓани на 12 април, рече Заев.

Спонзорирано: