Во текот на изминатото деноноќие, полициски службеници на различни локации низ Македонија лишиле од слобода осум лица поради кривичното дело „безобѕирно управување возило“, предвидено во член 297-а од Кривичниот законик.
Според МВР, седуммина од нив управувале моторни возила без положен возачки испит. Меѓу затекнатите биле 22-годишна жена и 20-годишен маж од Скопје, 36-годишник од Кучевиште, скопско, 16-годишен малолетник од Горно Количани, 18-годишник од Крклино, битолско, 44-годишник од Радовиш и 41-годишна жена од Прилеп.
Осмиот случај се однесува на 38-годишен жител на Негрево, пехчевско, кој управувал патничко возило под дејство на алкохол.
Од МВР информираат дека по целосно документирање на случаите ќе бидат поднесени соодветни кривични пријави.
Во оваа збирна информација се вклучени и веќе објавените приведувања на возачот од Крклино и возачката од Прилеп. Тие не претставуваат дополнителни нови случаи.


