24. ноември 2024
Centar.mk – Вести, бизнис, забава, спорт…
МАКЕДОНИЈАТОП ВЕСТИ

СДСМ ја објави предизборната коалиција со Движењето БЕСА: Ова е победничката коалиција, најголема, најразнолика и најмоќна досега!

СДСМ денес ја објави предизборната коалиција со Движењето БЕСА. Претседателот на СДСМ, Зоран Заев, во денешното обраќање рече дека граѓанскиот концепт “Едно општество за сите” ги победува стереотипите и дека времето на поделби заминува во историјата.

-Со овој наш заеднички чекор, мултиетничкиот карактер на Северна Македонија го пресликуваме во конкретна програмска и кадровска понуда. Нашата визија за Северна Македонија е економски силна и стабилна држава, праведна земја, членка на НАТО и ЕУ. Градиме општество кое се крепи на еднаквост, праведност и правичност. Градиме држава во која има шанса за сите. И за младите, и за ученциите и за работниците и за пензионерите и за Македонците и за Албанците, и за Ромите, Турците, Србите, Власите, Бошњаците, и за жените, и за мажите, и за сите останати. Тоа ќе го постигнеме ако само сите се обединиме околу вистинските цели кои водат напред. И тоа денеска, еве го правиме, рече Заев.

https://youtu.be/AQPLdr8Y8rk?t=949

„Затоа, ја користам оваа прилика јавно да му оддадам признание на лидерот Биљал Касами и целото раководство и членство на Движењето БЕСА, кои покажаа дека имаат визија, политичка храброст и дека поседуваат вредности и принципи за вистинско граѓанско обединување. Движењето БЕСА е првата албанска партија која го надминува досегашниот амортизиран концепт во домашаната политика, етничките гласови да се употребуваат најмногу како бројка за постизборни калкулации за учество во владината коалиција.

Ова е извонреден настан за сите граѓани. На нашата заедничка куќа ставаме уште поцврсти темели. Искрено вложуваме во нашата цврста верба дека сите граѓани се исти без разлика на нивната етничка, верска и политичка припадност. Затоа, предизборната коалиција со нашиот нов албански партнер – Движењето БЕСА е историска за Северна Македонија.

Ова е победничката коалиција! Предводена од СДСМ, ова ќе биде и најголема, и најразнолика и најмоќна коалиција до сега. Затоа е победничка! Нема дилеми!

Ние сме сигурни победници на 12 април и тоа му е на секого јасно. Уште од денес се знае дека токму оваа коалиција на 12 април ќе освои сериозно и сигурно мнозинство за формирање Влада. Тоа е јасно и на нас и на нашите политички опоненти.

Владеењето на правото, човековите слободи и права, економскиот прогрес, солидарноста и толеранцијата, се столбовите на кои почива модерната македонска држава. Оваа коалиција се потпира токму на тие вредности, но и на одредбите и потребата за доследно спроведување на Охридскиот рамковен договор, Договорот од Преспа со Грција и Договорот за добрососедство со Бугарија.

Со сите што цврсто стојат на овие принципи, има простор за разговор. Се разбира, тоа не е и не може да биде ВМРО-ДПМНЕ додека на чело на партија се Христијан Мицкоски и Никола Груевски.

Убеден сум дека за иднината на нашата заедничка татковина, ова заробено ВМРО-ДПМНЕ треба да остане политички изолирано како ретргограден политички субјект кој ги блокира и опструира сите најважни внатрешни и надворешни процеси на Северна Македонија. Само така ќе смогнат сили внатрешно да се реформираат и да почнат да се однесуваат како конструктивна демократска опозиција, бидејќи со сегашното однесување тие се опасност и за државата и за граѓаните. Ова го кажувам за да предизвикам реформи во ВМРО-ДПМНЕ веднаш по изборите.

Што се однесува до другите албански партии и коалиции, сакам да ја уверам јавноста дека како победничка коалиција нема да дозволиме да бидеме уценувани и нема да прифаќаме непринципиелни преговарања и договарања. Оние кои што ќе сакаат да се приклучат на победниците ќе треба да ги прифатат нашите принципи и вредности за евентуално учество во владината коалиција.

Направивме сериозни чекори и резултати во економијата, испорачавме во надворешната политика, ја вративме слободата и демократијата, и сега е време законските реформи во правосудството да се почуствуваат и во пракса. Да се прочисти правосудството.

Во таа насока ќе продолжиме и по победата на 12 април. Со здружени сили, ќе покажеме дека можеме уште повеќе и уште подобро. Ќе поставиме рекорди во македонската економија, грижа за сите наши граѓани, ред, дисциплина и правда, и успешно ќе ги водиме преговорите со Европската Унија. Со нас преговорите ќе траат најмногу 6 години. Со ВМРО-ДПМНЕ би траеле 60 години и можеби никогаш нема да завршат.

Со оваа наша силна и победничка коалиција, ќе работиме макотрпно, посветено, истрајно со една и единтвена цел – за подобар живот на нашиот народ. За подобро денес и подобро утре на сите наши граѓани и за сите наши деца.

Со здружени сили, заедно, можеме многу подобро!

Да живее коалицијата, да биде победничка, нека ни е со среќа на нашата земја и на нашиот народ.“ – изјави Заев.