24. ноември 2024
Centar.mk – Вести, бизнис, забава, спорт…
ЛОКАЛНО

Посебен сообраќаен режим во Скопје за Задушница

Поради верскиот празник Задушница, викендов, 22 и 23 февруари, во периодот од 6 до 16 часот на гробиштата во Бутел, Камник и во Ѓорче Петров, каде што се очекува зголемен интензитет на сообраќајот, од страна на сообраќајната полиција ќе бидат преземени посебни мерки за безбедно и непречено одвивање на сообраќајот во посочените реони.

Министерството за внатрешни работи ги информира граѓаните дека сообраќајот ќе се одвива во една насока (кружно), односно сите возила ќе се упатуваат по улицата Александар Урдаревски, во продолжение по локален пат за с. Мирковци до влезот за гробиштата, потоа на улицата Боца Иванова и излегување од улицата Боца Иванова кон улицата Александар Урдаревски.

По потреба, сообраќајот ќе биде пренасочен и на гробиштата во Ѓорче Петров по улицата Црногорска, а на гробиштата „Камник“ по улицата Јужноморавски бригади и улицата Роман Каскалиевиќ.

МВР апелира до сите учесници во сообраќајот да ги почитуваат сообраќајните правила и прописи и наредбите на униформираните полициски службеници, како и сообраќајната регулатива за променетиот режим на сообраќај.

ЈСП информира дека денеска на редовните линии 59 (Карпош 3 – Кучевишка Бара/гробишта „Бутел“), 59А (Ново Лисиче – гробишта „Бутел“) и 59Б (Кисела Вода – гробишта „Бутел“), ќе сообраќаат дополнителен број автобуси.

Возниот ред може да се види на веб-страницата www.jsp.com.mk. Дополнителни информации може да се добијат во Диспечерскиот центар на 3173-224.