Поради верскиот празник Задушница, во текот на утрешниот ден (21 февруари), петок, како и во деновите од викендот (22 и 23), сабота и недела, во периодот од 6 до 16 часот на гробиштата во Бутел, Камник и во Ѓорче Петров, каде што се очекува зголемен интензитет на сообраќајот, од страна на сообраќајната полиција ќе бидат преземени посебни мерки за безбедно и непречено одвивање на сообраќајот во посочените реони.
Министерството за внатрешни работи ги информира граѓаните дека сообраќајот ќе се одвива во една насока (кружно), односно сите возила ќе се упатуваат по улицата Александар Урдаревски, во продолжение по локален пат за с. Мирковци до влезот за гробиштата, потоа на улицата Боца Иванова и излегување од улицата Боца Иванова кон улицата Александар Урдаревски.
По потреба, сообраќајот ќе биде пренасочен и на гробиштата во Ѓорче Петров по улицата Црногорска, а на гробиштата „Камник“ по улицата Јужноморавски бригади и улицата Роман Каскалиевиќ.
МВР апелира до сите учесници во сообраќајот да ги почитуваат сообраќајните правила и прописи и наредбите на униформираните полициски службеници, како и сообраќајната регулатива за променетиот режим на сообраќај.