26. ноември 2024
Centar.mk – Вести, бизнис, забава, спорт…
ЛОКАЛНО

Објавен оглас за распределба на 37 социјални стана во Струмица

Министерството за транспорт и врски објави оглас за распределба на 37 стана за социјално ранливи категории граѓани во Струмица.

Право на учество имаат следниве категории граѓани:
1. Деца без родители или родителска грижа – лица над 18 години, кои до својата осумнаесетта година биле згрижени во институции и други облици за згрижување за деца без родители.
2. Корисници на правото на гарантирана минимална помош.
3. Лица погодени од елементарни природни непогоди, без разлика на правниот статус на нивните постојни (примарни) живеалишта.
4. Лица со попреченост и семејства со лица со попреченост.
5. Лица припадници на ромската заедница социјално загрозени (во согласност со Стратегијата за Ромите на Република Северна Македонија)
6. Самохрани родители со малолетни деца.

На огласот може да се пријават само лица што влегуваат во една од oвие категории, притоа треба да ги исполнуваат следниве услови:

– Да бидат државјанин на Република Северна Македонија;

– Да бидат со постојано место на живеење во општината каде што е изграден социјалниот стан;

– Лицето што се пријавува да не поседува стан во лична сопственост, на брачниот другар и на полнолетните членови од неговото заедничко домаќинство на територијата на Република Северна Македонија.
Потребната документација ќе може да се поднесува во Меѓуопштинскиот центар за социјална работа во Струмица.

За оние што не се во можност сами да ја комплетираат потребната документација, Центарот за социјални работи ќе ја обезбеди потребната помош за обезбедување на целокупната документација во согласност со објавениот оглас.

Огласот трае до 15 април 2020 година, а документите треба да бидат во оригинал или копии заверени на нотар не постари од 6 месеци, освен документите што се обележени од надлежен орган како трајни.

Социјалните станови ќе се распределуваат во транспарентна постапка преку електронска распределба во согласност со Методологијата за бодирање кандидати за добивање социјален стан под закуп.

Повеќе информации за потребната документација може да се најде на веб-страницата на Министерството за транспорт и врски (http://mtc.gov.mk/vesti/Oglas–za-raspredeluvanje-na-37-sotsijalni-stanovi-vo-opshtina-Strumitsa-) или во Меѓуопштинскиот центар за социјални работи во Струмица.