5.8 C
Скопје
18. април 2024
Centar.mk – Вести, бизнис, забава, спорт…
ЛОКАЛНО

(Видео) Шилегов: Програмата за работа на „Лајка“ е во интерес и на животните и на скопјани

На вчерашната јавна дебата што се одржа во салата на Советот на Град Скопје, градоначалникот Шилегов одговараше на прашањата на активистите за благосостојба на животните, поврзани со работењето на ЈП „Лајка“. Тој се осврна на промените што ги носи новата програма на ЈП „Лајка“, за продолжувањето на принципот „залови, стерилизирај, пушти“, за утринското заловување, како и на прашањата за можено отворање иден резерват за кучиња и користењето странски искуства.

Шилегов се осврна на следните прашања и дилеми:

Кои се главните промени во однос на претходната програма?
Најнапред, во начинот на заловување се воведуваат 2 вида тимови што заловуваат кучиња. Едниот работи по програма, другиот дејствува интервентно, онаму каде што ќе се јави итна потреба. Ветеринарната амбуланта во состав на претпријатието со вработен лиценциран ветеринар, кој го врши прегледот на заловените кучиња, а не како претходно кога тоа зависело од тоа дали поминал тендерот за ветеринарна амбуланта, каква амбуланта добила на тендерот поради најниска цена и слични административни препреки.

Воведени се брзи тестови за дијагностицирање на заразните болести. Овие тестови во минатото ги плаќале активистите, денес се покриени со програмата на претпријатието.
По дијагностицирањето, болните кучиња првпат добиваат шанса да преживеат, со тоа што се нудат на удомување кај заинтересирани граѓани, кои ќе преземат обврска да го лечат кучето на сопствен трошок и на тој начин да го спасат од евтаназија.

Во стационарот ќе има возила за брза интервенција при итни случаи од каснување куче, кои ќе бидат на располагање на граѓаните 24 часа. Граѓаните ќе имаат можност на СОС-телефонската линија да пријават повреда од каснување куче, а дежурниот вработен на линијата е должен да пријави итен случај во стационарот и во Агенцијата за храна и ветеринарство, чиј инспектор е должен понатаму да постапи во согласност со законот. Доколку кучето што нападнало е на местото на настанот, тоа веднаш ќе биде заловено, а потоа ќе се постапува по процена на ветеринарот и пропишаните правила на програмата за прием на ново животно во стационарот.

Со цел да се спречат злоупотреби, воведени се построги правила за евтаназија. Утврдени се точни протоколи за примена на евтаназијата и за тоа кои болести може да се лекуваат кај кучињата, а не е како претходно ветеринарот да одлучува по сопствено убедување. Со тоа се избегнува моментот да се евтаназира куче што не морало да се евтаназира или обратно, да не се евтаназира куче што подоцна може да шири опасни неизлечиви заразни болести.

Зошто е напуштен принципот „залови, стерилизирај, пушти”?

Овој принцип не е напуштен, туку се спроведува во услови кога за заловеното куче ниту еден потенцијален удомувач нема да покаже интерес за удомување во согласност со пропишаните критериуми за удомување. Преку активна примена на мултифункционална веб-страница и на социјалните медиуми граѓаните ќе може да видат фотографии од животните, кои ќе бидат објавени за удомување, како и да се информираат за сите активности и работењето на стационарот. Секој граѓанин што ќе сака да удоми куче, најпрвин ќе мора да пополни прашалник за удомување, со внесување на своите лични податоци од личната карта, потоа ќе се изврши разговор со стручно лице вработено во стационарот за да се процени дали удомувачот е соодветен и би бил одговорен сопственик.

По разговорот и пополнетиот прашалник, доколку удомувачот е соодветен, треба да оствари контакт со животното што сака да го удоми и минимум двапати пред да му биде дадено за удомување, да го посети во стационарот и да помине време со него. Назначени вработени од стационарот имаат обврска да го посетат удомувачот ненајавено со цел да се утврди дали го чува соодветно и во согласност со Законот за благосостојба на животните, удоменото куче.
Секое удомено куче и неговата среќна приказна се објавува на веб-страницата и социјалните медиуми, со цел поттикнување на граѓаните да удомуваат од стационарот, со што би се намалил бројот на бездомни животни на улица.

Се воведува и можност граѓаните да се грижат за бездомните кучиња, односно делумно да ги посвојат, а во тој случај процедурата и одговорноста на граѓанинот што се грижи за бездомното куче е еднаква на граѓанинот што удомил куче. Неодговорното постапување со секое удомено или бездомно куче за кое се грижи граѓанинот подлежи на санкција.

Зошто да се заловуваат кучиња рано наутро?

Бидејќи и кучињата во тој период од денот се најпасивни, а и фреквенцијата на луѓе на улица е сериозно намалена. На тој начин тоа е побезбедно и за заловените кучиња, но и за луѓето што минуваат во близина на местото на заловување.

Зошто построги правила за евтаназија?

Со цел да се избегнат можните злоупотреби да се евтаназираат здрави и неагресивни кучиња или можеби да се пуштат на улица кучиња што би требало да се евтаназирани, кои подоцна може да шират опасни неизлечиви заразни болести.Утврдени се точни протоколи за примена на евтаназијата и за тоа кои болести може да се лекуваат кај кучињата, а не е како претходно ветеринарот да одлучува по сопствено убедување. Програма за евтаназија смее да се изведе само како последна опција во случаи кога нема никој заинтересиран да го преземе понатамошното лекување на многу болно животно или животно заболено од болестите лишманија и срцев црв; како и во случаи кога станува збор за екстремно агресивно животно за кое нема можност за ресоцијализација.

Може ли да се остават животните да продолжат да живеат со некои од болестите?

Да, може. Тоа порано не беше случај, но сега постои таква можност. Заболените кучиња (неизлечиво болни или заболени од болестите лишманија и срцев црв) може да бидат удомени во рок од 72 часа и да добијат шанса да бидат излечени на трошок на новиот сопственик.
Одлуката за извршување евтаназија може да ја донесе само овластено ветеринарно лице, при што неопходна е детаљна аргументација на ваквиот чекор во регистарот на евтаназирани животни.
Евтаназираните животни се отстрануваат на еден од законски пропишаните начини.

Со кои НВО е работена програмата на „Лајка“?

Веднаш по моето преземање на функцијата градоначалник, донесов решение за формирање работна група составена од членови на Советот на Град Скопје, претставници на стручните служби во градот и претставници на повеќе здруженија за заштита на животните (конкретно „Анима мунди“, „Кане корзо“ и Асоцијација на активисти за права на животните).

Работната група беше формирана со задача детаљно да ги утврди условите, начинот и системот на згрижување на бездомните кучиња, да ја утврди фактичката состојба во стационарот и да даде соодветни препораки за понатамошно дејствување и функционирање со цел подобрување на условите за престој и третман на бездомните кучиња на подрачјето на град Скопје. Работната група по извршениот увид во состојбите на стационарот за хуман третман на уличните кучиња „Вардариште“ изготви извештај со препораки, кој беше усвоен од Советот на Град Скопје и презентиран пред јавноста.

Некои од овие препораки се применети во програмата. Програмата не е пишувана од НВО-а непосредно, но во нејзиното изготвување се применети препораки од работната група во која учествуваа претставници на „Анима мунди“, „Кане корзо“ и Асоцијација на активисти за права на животните. Но, покрај овие здруженија, во изготвувањето на програмата учествуваа и активисти поединци, стручните служби на Градот, професори по ветеринарна медицина и лица од Агенција за храна и ветеринарство.

Програмата за работа на „Лајка“ е пресериозен документ за да може некој толку лесно да исклучи НВО-а, граѓани активисти што сакаат да помогнат или стручна јавност. Напротив, тој процес мора да биде доволно широк и инклузивен, да вклучи што е можно поголем број стручни лица од разни сфери на дејствување, со цел да добиеме што поквалитетно решение.

Нели немаше да правите резерват?

По направените консултации со експерти од повеќе области на оваа тема, заклучивме дека идејата за правење резерват не е лоша доколку се спроведе на вистинскиот начин.
По постоперативниот период, кучињата остануваат во стационарот уште до 10 дена (21 во случај на удомување во странска држава), во кој период активно ќе се бара дом. Доколку не се удоми, тоа се враќа на локацијата од каде што е заловено или трајно се сместува во резерват за кучиња.

Резерватот е најдобрата опција за заловените кучиња од причина што со сигурност знаеме дека таму кучињата ќе бидат соодветно поделени во групи (според возраст, пол и темперамент), згрижени, нема да талкаат по храна, ќе бидат вакцинирани, во соработка со здруженијата, кои ќе може секојдневно да ги посетуваат, хранат и удомуваат овие кучиња.

Зошто не следите странски искуства?

Следени се странски искуства, но тука мора да се има предвид дека тоа не се искуства од Западна Европа од причина што таму тој проблем не постои затоа што веројатно е решен пред десетици години на многу понехуман начин. Искуства можеа да се црпат само од земји од Источна Европа, Азија и Африка, и тоа не само што е направено туку со помош на локалните експерти од оваа област е приспособено на специфичните услови и околности во кои се наоѓа Скопје, одредени честопати од географски, биолошки и од општествени детерминанти.

Спонзорирано: