18.8 C
Скопје
20. мај 2024
Centar.mk – Вести, бизнис, забава, спорт…
МАКЕДОНИЈА

Бислимоски: РКЕ излегува на слободниот пазар за електрична енергија

Регулаторната комисија за енергетика и водни услуги донесе одлука да спроведе постапка за јавна набавка на електрична енергија, со што ја исполнува обврската пропишана во согласност со Законот за енергетиката. Огласот за јавна набавка е објавен на Електронскиот систем за јавни набавки. На снабдувачот што ќе понуди најниска цена, ќе му биде понудено да склучи договор со РКЕ.

„Станува збор за исполнување обврска во согласност со Законот за енергетиката. Регулаторна комисија за енергетика и водни услуги преку транспарентна постапка ќе избере снабдувач за електрична енергија за една година, а договорот за јавна набавка ќе го добие оној снабдувач со електрична енергија што ќе понуди најниска цена во текот на електронската аукција, а чија понуда претходно ќе биде оценета како прифатлива. Постапка ќе заврши со спроведување електронска аукција, во која ќе се изврши рангирање на понудувачите според висината на понудените цени. Евалуацијата на понудите ќе се врши во согласност со методологијата пропишана од министерот за финансии. По потпишувањето на договорот со најповолниот снабдувач, практично РКЕ ќе излезе на слободниот пазар за електрична енергија“, истакна Марко Бислимоски, претседател на Регулаторната комисија за енергетика и водни услуги.

Регулаторната комисија им укажува на сите јавни претпријатија во државна сопственост и во сопственост на општините што ги исполнуваат критериумите и се квалификуваат да излезат на слободниот пазар дека треба да изберат снабдувач со електрична енергија, односно да спроведат набавка за електрична енергија и да склучат договори најдоцна до 31 март 2020 година.

Регулаторна комисија за енергетика се најде на листата што ја објави „Електродистрибуција“ ДОЕЛ Скопје, на правни субјекти што треба да изберат снабдувач на електрична енергија на отворениот пазар и не влегуваат во дефиницијата на мали потрошувачи. Во оваа последна фаза на потрошувачи што имаат обврска да излезат на слободниот пазар на електрична енергија опфатени се 2.474 потрошувачи, а РКЕ е со реден број 1.483. Освен Регулаторна комисија за енергетика и водни услуги, на листата се наоѓаат и основни училишта, градинки, јавни здравствени установи, судови, банки и други потрошувачи што се квалификуваат да излезат на слободниот пазар за електрична енергија.