23. ноември 2024
Centar.mk – Вести, бизнис, забава, спорт…
МАКЕДОНИЈАИЗБОР

Шкријељ: Лицата без лични документи првпат ќе добијат извод

Го решаваме долгогодишниот проблем на лицата без лични документи. Со законот за неевидентирани лица во Матичната книга на родените, што го усвои Собранието, обезбедена е институционално-правна рамка за тие конечно да добијат граѓански идентитет, изјави дополнителната заменик-министерка за труд и социјална политика, Санела Шкријељ.

Таа појасни дека целта на овој закон е лицата што не се евидентирани во Матичната книга на родените да се евидентираат во посебна матична книга на родени по што ќе добијат лична карта заради остварување право на образование, здравствена и социјална заштита, како и вработување со задолжително социјално осигурување.

За овие лица, законот предвидува постапка за дополнителен упис во Матичната книга на родените и добивање прв извод.

„Проблемот со лицата што не се евидентирани во Матичната книга на родените е нотиран одамна, но бил игнориран од надлежните институции. Такви лица, наспроти јавната перцепција, има од сите етнички заедници. Наша определба во изминатиот две и полгодишен период беше дека овие лица, кои најчесто се од најранливите општествени слоеви, не смееме да ги оставиме да живеат на маргините на општеството. Затоа, почнавме со систематско и фазно решавање на ова прашање, во соработка со другите институции: МВР, Управата за водење на матичните книги и центрите за социјална работа, како и со силна поддршка на меѓународните организации, ОБСЕ и УНХЦР. Беа идентификувани околу 700 лица без извод на родени и тие во согласност со новиот закон ќе добијат идентификациска исправа, а потоа и прв извод од Матичната книга на родените“, рече Шкријељ.

Со новиот закон, додаде таа, ќе им се овозможи на лицата што немаат и не може да пријават адреса на живеење поради разни причини, како што е нелегализиран објект или непоседување имотен лист, да пријават адреса на живеење и да се евидентираат на адресата на Центарот за социјални работи во местото на своето живеење.