Секогаш во средиштето на збиднувањата...

Македонската технолошка револуција веќе почна

Во време кога главна тема на многумина е иселувањето на младите, имам чувство дека ретко кој зборува и посочува на еден друг феномен – фактот дека, на нашата земја, можеби тивко но сигурно, и се случува старт ап и технолошка револуција.

Да, можеби живееме во земја каде исселувањето на младите е голем проблем, но ние сме и земја на нови национални херои, на сонувачи и визионери, претприемачи, кои секојдневно покажуваат дека може да се успее и оттука. И токму овие национални херои се предводниците на новата ера во македонската економија, ера на технолошки иновации и стартапи. Низ историјата многу често го користиме епитетот Пиреј и непокорливост за македонскиот народ. Време е за нова редефиниција на нашата непокорливост. Тоа е иновација, борба за глобалниот пазар и за наша приказна која ќе биде само наша.

Да се разбереме, триесет години никој во државата не направи национална стратегија за позиционирање на македонската економија во глобални рамки. Срамежливите обиди кои беа досега направени не се доволни. Во моментов, сите знаци посочуваат на една работа – Северна Македонија и тоа како има капацитет, луѓе но и ресурси да стане новата технолошка и старт ап дестинација во Европа.

Можеби за многумина ова звучи невозможно но ние сме веќе тргнати по тој пат и со добра стратегија и тимска работа за неколку години можеме да направиме работи на кои ќе ни завидат и технолошки и стартап центри како Естонија.

Некако тивко помина можеби една од најважните предвесници за позиционирање на нашата земја како технолошка дестинација, а тоа е дека со помош на меморандумот со Мастеркард, граѓаните ќе дoбијат можност за дигитален идентитет. Всушност Северна Македонија е една од првите земји во светот, каде целото население добива можност за електронски идентитет. И тоа е огромен успех, кој треба да го повторуваме секој ден. Имавме визија, направивме чекор и тоа треба да го знаеме сите а не само да се гордееме со туѓи успеси, кои катадневно ги споделуваме на социјалните мрежи и велиме: „Ејјј, кога кај нас вака“.

Што значи ова?

Ова значи дека преку вашиот мобилен уред со отворање на апликација, најпрво го скенирате вашиот личен документ, лична карта или пасош. На тој начин, податоците се проверуваат и камерата на мобилниот уред се вклучува и врши проверка дека станува збор за физичко лице. По овој чекор се врши проверка со сликата во личниот документ и уредот ве идентификува. Ова значи дека повеќе нема потреба да користите усб, токен, документи во хартија, физичко присуство за институцијата да ве идентификува. Еднакво лесно како и што скенираме фискални сметки.

И податоците на МАСИТ покажуваат дека полека но сигурно ние се позиционираме како привлечна технолошка дестинација.

Всушност, најголемиот процент од БДП во нашата земја доаѓа токму од овој сектор. Но не само тоа, според податоците на МАСИТ:

· Вкупни приходи во tech индустријата во 2018 година биле 862.342.656 евра. Ова е раст од 10 отсто споредено со 2017 година.

· Извозот на компјутерски и информациски услуги е 160 милиони евра. Ова е раст од 25 отсто споредено со 2017 година.

· Бројот на вработени во македонската tech индустрија е 14.541. Ова е раст од 7.1 отсто споредено со 2017 година.

· Просечниот приход по вработен во tech секторот во Македонија е 59.304 евра.

· Платите во tech индустријата се 2,37 пати поголеми од платите во сите други сектори.

Факт е дека македонската tech индустрија има потенцијал да генерира силен економски раст со бенефити во целото општество. Ова значи: инвестиции без експлотации во пририодни богаство, нема загадување на човековата околина, а со инвестирање во tech индустријата државата може да стане извозник на производи и услуги со висока додадена вредност.

Поголеми инвестии и стратешко позиционирање на технологиите значи и зголемување на девизните приливи, развој на сите други сектори но и дигитализација на стопанството и самата држава.

Бројките се на наша страна. Сега е време сите заеднички да седнеме на иста маса и да направиме стратегија.

Плејада на интелектуалци во овој период работи на изготвување и навестување на македонска tech пролет. Нова насока и нова енергија. Мерки кои ќе направат сеопфантна, брза и радикална дигитализација на цело наше општество. Мали сме да. Но тоа е нашата предност, лесно можеме да се мобилизираме.

На скептиците би сакал да им порачам, токму тие за неколку години ќе бидат главните корисници на бенефитот кој ќе го предизвика оваа технолошка пролет. Дадената шанса нема да биде попусто, напротив, ќе биде следниот вистински чекор напред.

Коста Петров

извор Фактор.мк

error: Соддржината е заштитена.