24. ноември 2024
Centar.mk – Вести, бизнис, забава, спорт…
МАКЕДОНИЈА

Вработен во Архивот признал грешка, ненамерно додал три нули за набавка на кетеринг

Одговорното лице за јавни набавки во Државниот архив направило грешка поради која на Бирото за јавни набавки излезе оглас во кој за близу 5 милиони евра Архивот бара служба за кетеринг-услуги.

Директорот на Државниот архив, Емил Крстески, извести дека против одговорното лице е поведена дисциплинска постапка.

„По опсежните разговори со вработените во финансискиот сектор на Државниот архив е утврдено дека лицето одговорно за јавни набавки направило наводно ненамерна грешка додавајќи на сумата за кетеринг предвидена за цела 2020 година уште 3 нули. Со тоа сумата од 300.000 која е предвидена за кетеринг на изложби, промоции и гости од странство, кои и не мора да бидат потрошени, станале 300.000.000 (триста милиони). Тој и самиот го призна тоа и против него веднаш е поведена дисциплинска постапка за несовесно работење“, објасни директорот Крстески.

Вкупниот буџет на Државниот архив е околу 2,5 милиони евра, па невозможно е институцијата за кетеринг да има 6 милиони евра, нагласуваат од Архивот и апелираат граѓаните критички да ги примаат информациите на јавните мрежи, бидејќи веста за 6 милиони евра за кетеринг е нелогична.

Огласот на кој Државниот архив бара кетеринг услуги е повлечен од Бирото за јавни набавки.