24.8 C
Скопје
19. мај 2024
Centar.mk – Вести, бизнис, забава, спорт…
МАКЕДОНИЈАТОП ВЕСТИ

Заев: Лица од раководството на ВМРО-ДПМНЕ им се закануваат на пратениците

„Пратениците деновиве се соочуваат со терор, закани, притисоци и уценувања“, вели експремиерот и лидер на СДСМ, Зоран Заев. Пред гласањето за законот за Јавно обвинителство, експремиерот Заев рече дека криминалот ги наоѓа сите патишта.

„Притисоците доаѓаат од раководството на ВМРО-ДПМНЕ, генерално осомничени или обвинети лица вршат притисок“, рече експремиерот Заев и нагласи дека и покрај притисоците и уцените секој ќе има можност да ја докаже својата невиност оти заложбите се да се врати првната држава.

Заев потсети дека донесувањето на законот за Јавно обвинителство е еден од условите за членство и во НАТО и во ЕУ.

„Не можеме ниту во НАТО без правна држава, а камоли во ЕУ“, рече Заев.

Предложениот закон за Јавно обвинителство, Заев објасни, се подготвувал две години и во неговото изготвување биле вклучени сите релевантни институции, а земени предвид биле и сите забелешки.

„Ова што сега го прави опозицијата е избегнување одговорност, но луѓето знаат сè. Да не се правиме дека сме паднати од Марс. Ова е демократија, секој може да каже што сака“, рече Заев.

На прашањето дали се обезбедени гласовите од 80 пратеници за законот, Заев рече дека ги добил на збор, но дека секој ќе гласа по свое убедување.

„Јас ги немам гласовите од пратениците во раце. Тие се индивидуи, секој е одговорен за она што е избран.Очекувам одлуката да ја донесат од своите гради, од својата глава. Дали ќе има 80 пратеници кои ќе гласаат ќе видиме, но и тоа што имаме збор од 80 пратеници е порака до сите“, рече Заев. Тој ги повика пратениците да гласаат оти „нашата држава е во прашање“.