Претседателот на Владата, Оливер Спасовски се сретна со Луиџи ди Мајо, министерот за надворешни работи на Италија.
На средбата е констатирано дека нашата држава живее денови што ќе влезат во историјата, како што се завршните процедури за полноправно членство во НАТО и очекуваниот исчекор во евроинтеграциите. Оценето е дека влегувањето на Северна Македонија во НАТО ќе значи и нови можности за соработка на економски и безбедносен план, како со Италијанската Република, така и со другите земји членки.
На средбата се потврдени реформските постигнувања, воспоставените добрососедските односи и натамошните аргументи што ги дава нашата држава во определеноста кон напредок, како што е носењето на Законот за јавно обвинителство. Поради сето ова, соопштено е дека Италијанската Република како сведок на овие заложби, ќе ја пренесе пораката за оправданост на очекувањата на земјава за отворање преговори со ЕУ и ќе продолжи во првите редови активно да се заложува, тоа да се случи.
Премиерот Спасовски се заблагодари на премиерот Конте и на Италијанската Република за големата, искрена и пријателска поддршка што ја даваат на Република Северна Македонија и нашите граѓани.
„Живееме остварување на стратешките цели, по сѐ што постигнавме низ политиките на дијалог и на планот на реформите. Продолживме со реформите и остануваме цврсто определени на спроведувањето на договорите со Бугарија и со Грција. Се радуваме на остварените перспективи во НАТО и го очекуваме заслужениот почеток на преговорите со ЕУ. Тоа е патот за развој на нашата држава и затоа како Влада остануваме мотивирани кон остварувањето и на оваа цел. Вреднувањето на примерот на позитивни политики што го покажавме како држава, ќе биде силна мотивација и за решавањето на отворените прашања во целиот регион, како и за Европска Унија кон којашто припаѓа и Западен Балкан“, рече премиерот Спасовски.
На средбата е изразена заедничка определеност за уште поголемо унапредување на економската соработка меѓу двете држави којашто веќе бележи резултати.