Министерот за надворешни работи и меѓународна соработка на Италијанската Република, Луиџи ди Мајо, денеска е во еднодневна работна посета на Република Северна Македонија.
На средбата со министерот Димитров беше изразено задоволство од успешниот развој на билатералните односи меѓу двете земји, со акцент на заемните заложби за натамошно зацврстување на пријателските врски. Соговорниците разменија мислења за перспективите на процесот на проширување на ЕУ, финализирањето на новата методологија, како и следните чекори во насока на отворање пристапни преговори со нашата земја што е можно поскоро.
Димитров се заблагодари за поддршката од официјален Рим за донесување на заслужената одлука за преговори, пренесувајќи го ставот дека за нашата држава полноправното членство во ЕУ нема алтернатива. Притоа накусо го презентираше историјатот на нашето досегашно европско патешествие, преземањата на домашен и надворешно-политички план последниве години во насока на напредок при исполнување на нашата стратешка цел за ЕУ-интегрирање.
„Иако изминатово искуство при постигнувањето консензус меѓу ЕУ земјите членки во неколку наврати кога бевме многу блиску пред вистинскиот исчекор на ЕУ патот, нè направи да бидеме претпазливи, сакам да верувам дека во претстојниов период полека се редат вистинските состојки за успешен рецепт. Доколку ЕУ сака да го одржи и засили своето влијание и кредибилитет во регионот, сега е моментот да ја препознае важноста, влогот и да ја упати вистинската порака“, рече Димитров.
Италија ќе продолжи гласно и активно да ја поддржува Северна Македонија на европскиот пат, нагласи министерот Ди Мајо, упатувајќи порака дека неговата земја останува силен поборник за членство на сите земји од Западен Балкан во Европската Унија. Според него, особено во овој период е од исклучително значење, како за регионот, така и за самиот европски проект, да се препознае стратешката важност на веродостојна европска перспектива за регионот, нашата желба, ентузијазам и посветеност за приближување и припадност кон ЕУ-клубот.
Двајцата министри ја поздравија денешната ратификација на Вашингтонскиот договор во Собранието на Северна Македонија, со што е направен уште еден огромен чекор во нашите евро-атлантски интеграции, потврда за нашиот досегашен силен ангажман и придонес за безбедноста во регионот, Европа и во светот.
Соговорниците разговараа и за можностите за продлабочување на политичкиот дијалог, економската соработка и сите други видови билатерална соработка од заемен интерес, а беа разменети и видувања за регионалната соработка, како и за актуелните внатрешно-политички состојби во земјата и регионот.