9.8 C
Скопје
26. април 2024
Centar.mk – Вести, бизнис, забава, спорт…
МАКЕДОНИЈА

Работниците од „Синохидро“ пред да се вратат во земјава ќе поминат 14 дена во карантин во Кина

Министерот за здравство, Венко Филипче, утрово се сретна со амбасадорот на Кина, Џанг Ѕуо, на која разговараа за состојбата со коронавирусот во Кина и мерките за претпазливост кои се преземаат.

На средбата, кинескиот амбасадор Ѕуо го информирал министерот дека кинеските државјани кои работат во кинеската компанија „Синохидро“ и кои редовно транзитираат на релација Кина-Северна Македонија имаат препорака да се вратат покасно, а непосредно пред враќањето 14 дена ќе бидат во карантин, по што со најава ќе бидат вратени во Северна Македонија.

Со ова, велат од Министерството за здравство, дополнително се активираат мерките на претпазливост од можност за коронавирус во нашата држава.

„Северна Македонија постапува согласно насоките од Светската здравствена организација и целосно сме подготвени да се справиме со корона вирусот, иако нашата држава е далеку од тој ризик“, велат од Министерството.

Од таму додаваат дека со користењето на термалната камера успешно се спроведува постапката за идентификација на евентуални заболени од корона вирусот.

„Работата е целосно под контрола и во овој момент нема ниту една причина за некаков ризик или паника“, велат од МЗ.

Министерството за здравство апелира до граѓаните во целост да ги следат и почитуваат мерките за превенција:

• Да се воведе дополнителна заштита на храната – да не се консумира храна направена од болни животни;
• Да се воведе дополнителна заштита при подготовка на храната – да се користат различни садови и ножеви за подготовка и сечкање на сирова и да се мијат задолжително рацете после секоја подготовка на храна. При подготовка на месо и јајца истите убаво термички да се обработат;
• Да се воведе посебна заштита при работа на отворени пазари – задолжително носење заштитни опрема, ракавици, маски и мантили додека се извршуваат работи со животни или производи од животинско потекло, по употребата целата опрема да се извади и да се пере секојдневно. Да се внимава да се заштити семејството од неиспрана работна опрема;
• Да се штити населението од настинки – да се избегнува незаштитен контакт со болни (вклучувајќи и допир на уста, нос и очи), како и незаштитен контакт со домашни или диви животни.
• Задолжително и често миење на раце – и кога не се видливо нечисти да се мијат рацете со сапун и вода или да се користи чистач за раце кој содржи алкохол;
• Заштита на останатите од заболување – при кашлање или кивање да се заштити устата и носот со марамче или со дланката. По употреба марамчињата да се фрлаат во затворени канти. При кашлање или кивање, како и при грижа за болни задолжително да се мијат рацете.

Спонзорирано: