Интегрален текст прес конференција, Б.Маричиќ
Како одговорна партија СДСМ никогаш не заборава дека наша обврска е да им служиме на граѓаните и да работиме за општото добро. Очекуваме така да се однесуваат и другите политички партии за да покажеме дека сите заедно сме посветени на владеење на правото и на европската иднина на државата.
Ниту еден политички субјект нема право да ја држи земјата во заложништво, како што тоа го прави ВМРО ДПМНЕ со Законот за Јавно обвинителство. Токму овој закон ќе го подобри системот на борба против криминалот и корупцијата и ќе ја гарантира евроатланската интеграција на државата. Токму затоа, никој не смее неосновано да го опструира неговото усвојување.
Сите демократски капацитети во државата и нашите стратешки меѓународни сојузници го поддржуваат законското решение кое обезбедува независност и професионалност на јавните обвинителства. Ние сме цврсто решени дека политиката мора да остане надвор од изборот на обвинителите за да им се остави простор за независно, стручно и објективно постапување, а тоа ќе го постигнеме само ако го донесеме законот. Оттаму, носењето на законот се наметнува како главен приоритет на актуелниот парламентарен состав во наредниот период.
Почитувани,
Време да завладее правната држава и конечно, сите кои направиле криминал да одговараат преку законски постапки. Законот за јавно обвинителство овозможува сите предмети на СЈО, но и сите останати случаи, да имаат професионална и објективна завршница затоа што само така ќе ја вратиме довербата на граѓаните во правосудниот систем.
Лидерството на ВМРО ДПМНЕ мора еднаш за секогаш да сфати дека ние нема никогаш да прифатиме пазар за избегнување на предметите на СЈО или кој било друг случај, а со тоа и бегање од кривичната одговорност на сегашни и поранешни функционери во нивната партија.
Ние можеме идеолошки и концептуално да се разликуваме со нашите политички ривали, но кога станува збор за иднината на државата, за владеење на правото и за функционален казнен систем, тогаш немаме компромис. Секое договорање и амнестирање на одговорноста за функционерите на ВМРО ДПМНЕ и штети на државата затоа што се загрозува европската перспектива и јавната доверба во правниот систем.
Очекуваме дека ВМРО ДПМНЕ конечно ќе излезе од тесно партиските интереси, ќе престане да го штити криминалот и ќе се издигне на висина на задачата за да почне да се однесува конструктивно, особено кога се работи за иднината на младите генерации.
Почитувани,
Граѓаните го ценат секое наше поведение и знаат да вреднуваат кој е вистински посветен на европскиот пат. ВМРО ДПМНЕ има уште една, последна шанса во вторник, кога започнува јавната собраниска дебата за Законот во Комисијата за политички систем, да покаже дека навистина се грижи за владеење на правото, за стручни, ефикасни и независни обвинители и за процесуирање на сите кривични дела поврзани со висока корупција. Тоа што практично и е неопходно на државата на патот кон ЕУ.
Доволно слушавме обвинувања и манипулации од Центарот за лажни вести на ВМРО ДПМНЕ, време е на дело да покажат дали навистина се залагаат за интеграцијата во Европската Унија и НАТО или како до сега повторуваат празни флоскули без никаква акција.
Како одговорна партија, на која врвен приоритет и е правдата и европската иднина, гарантираме дека со новото законско решение ниту се штити некаков криминал на власта, ниту пак содржи какви било механизми за селективна правда. Напротив, предлогот има одредби изготвени од врвни правни експерти и целиот процес е под мониторинг на Меѓународната заедница. Со законот овозможуваме криминалот да биде соодветно третиран, навремено откриен и најважното – соодветно казнет.