10.8 C
Скопје
20. април 2024
Centar.mk – Вести, бизнис, забава, спорт…
МАКЕДОНИЈАИЗБОР

Шекеринска: Изборите ќе ги организираме како 30. членка на НАТО

Сигурна сум дека изборите ќе ги организираме како 30. членка на НАТО Алијансата, изјави денеска на прес-конференција вицепремиерката и министерка за одбрана Радмила Шекеринска одговарајќи на новинарско прашање во врска со последната 29-та ратификација на Протоколот за нашето членство во Алијансата која наскоро треба да се случи во Парламентот во Шпанија, а ќе следи и во нашиот Парламент, пренесе Локално.мк.

-Една работа е нашиот процес на ратификација, втора работа е ратификацијата во шпанскиот Парламент и завршувањето на целиот овој процес, а трета различна работа се изборите. Сигурна сум дека изборите ќе ги организираме како 30. членка на НАТО Алијансата и после 30 години вртење во место, после 30 години ветувања на многу политички елити, ќе ја имаме честа и одговорноста да сме биле тука кога е постигнат тој најголем успех. Мислам дека тоа ќе биде најголемиот плус, најголемиот резултат кој што дури и критичните граѓани ќе го поздрават со релаксација и здивнување. Долго време се плашевме дека на првата кривина нешто ќе се случи спротивно на нашите интереси. Покажавме дека ова го почнавме и за две и пол години го крунисавме со успех. Тоа е успех на Владата, меѓутоа тоа е пред се успех на нашата држава, рече Шекеринска.

Членството во најмоќниот воено-политички сојуз станува реалност како заеднички успех и резултат на одлучноста на граѓаните и на одговорните државнички политики изминатите две години, рече таа и ги оцени како охрабрувачки последните вести од Шпанија.

-Станува јасно дека нашиот приоритет е и приоритет на НАТО и на земјите членки на НАТО. Новоформираната шпанска Влада го пушти законот за ратификација во брза постапка, покажува дека го делиме приоритетот. Северна Македонија 30. членка на НАТО звучи гордо, но и моќно, безбедно, сигурно и стабилно. За нашата земја ова е историски, а за нас, генерациски успех. Тој претставува исполнување на стратешката цел на повеќе генерации. Тој успех значи и повеќе пари во економијата. Тоа го потврдија четирикратното зголемување на странските директни инвестиции, последните движењата на берзата, 60.000 работни места и зголемените плати и пензии. Одговорноста на сите нас е оваа стратешка цел која ја постигнаве да ја чуваме во интерес на државата, на граѓаните, на денешните на следните генерации Македонци, Албанци, Турци, Роми, Власи, Срби, Бошњаци, рече Шекеринска.

Таа како одговорна министерка во ресор, кој е директно врзан со членството во НАТО предупреди на опасноста од заговарање идеи за поништување или повторно отворање на Договорот од Преспа, без кој, нагласи, нема членство во НАТО, нема стопроцентна безбедност, стабилност, сигурни граници и обезбедена иднина.

-Политичките опции кои заговараат отворање, преотварање или укинување на договорот, носат опасност за државата и создаваат сериозни проблеми за сите нас. Најновата намера или манипулација дека одредени политички сили ќе се обиделе да го ревидираат, повторно да го отворат за преговори Преспанскиот договор, токму во овие финални чекори до членство во НАТО е крајно неодговорно и опасно. Тоа го урива нашиот имиџ како држава, тоа ја урива довербата која во нас ја има не само Алијансата, туку и највлијателните земји членки. Без разлика дали овие наводи се манипулативни или сериозни, да се чепка во договорот од Преспа кој е склучен меѓу два соседа со силна поддршка на меѓународната заедница е исто како повторно овде на Балканот да се пали бурето барут, рече министерката за одбрана.

Таа потсети дека по Букурешкиот самит на НАТО во 2008. беше јасно укажано дека без договор со Грција за името не можеме да го оствариме нашиот стартешки интерес – членството во Алијансата, како и дека по цела деценија од тогаш ВМРО-ДПМНЕ никогаш не успеала да постигне договор, ниту решение со кое целосно ќе се признае идентитетот на Македонците, користењето на македонски јазик, македонско државјанство, како и кодовите МКД и МК. Додаде дека тоа и успеа на оваа политичка Влада и постигна договор за спорот.

-Поништувањето на договорот би не враќало назад не години туку повторно децени во нова неизвеснот и изолација. Тоа не смее да се дозволи бидејќи сеќавањата за тој период се уште се свежи кај граѓаните, рече Шекеринска.

Таа ја повика уште еднаш опозицијатада го поддржи законот за одбрана како стратешки државен приоритет, кој треба да се донесе со двотретинско мнозинство, посочувајќи дека оној кој е против него е и против нашето членство во НАТО.

Владата на Шпанија завчера го одобри и го достави на усвојување во Парламентот протоколот за пристапување на Република Северна Македонија во НАТО. Премиерот Педро Санчез побара од Парламентот протоколот да биде ратификуван по итна постапка имајќи предвид дека Шпанија е последна од 29-те членки на НАТО што тоа го нема направено.

– Неопходно е ратификацијата да биде по итна постапка со цел да не се одложуваат заложбите на Шпанија како сојузник во НАТО за прием на Северна Македонија во Алијансата, се вели во образложението на шпанската Влада.

Спикерот на македонското Собрание Талат Џафери денеска најави дека на 11 фервруари ќе закаже седница за ратификација на Протоколот за членство во НАТО. Доколку Шпанија до 11 февруари не го ратификува Протоколот, тогаш нашата ратификација ќе биде донесена со одложено дејство.

Спонзорирано: