Секогаш во средиштето на збиднувањата...

Заев: Со укинување на Преспанскиот договор, ВМРО-ДПМНЕ сака да не врати 25 години назад, граѓаните и СДСМ тоа нема да го дозволат

Прес конференција, Зоран Заев, претседател на СДСМ – интегрален текст:

Како што се наближуваат изборите, сегашното раководство на ВМРО-ДПМНЕ продолжува да заговара опасни идеи за укинување или поништување на Договорот од Преспа. ВМРО-ДПМНЕ сака да го укинува Договорот кој не донесе до полноправно членство во НАТО и на чекор до започнување на преговорите со ЕУ.

Еве неколку факти:

Неодамна, во октомври 2019 година, Христијан Мицкоски за српски медиум укажа дека доколку добиеле дво-третинско мнозинство, ќе се отворела можност за враќање на земјата чекор назад по однос на Договорот, за да веќе во декември, за домашен медиум изјави, цитирам: „Со двотретинско мнозинство во парламентот, го укинуваме Преспанскиот договор“.

Советничката на Мицкоски, Каракамишева, која се појавуваше заедно со него на партиските преговори, отворено побара „Поништување на Договор од Преспа“ и „Поништување на уставните амандмани за промена на името“.

Дали ВМРО-ДПМНЕ и Мицкоски се навистина свесни што ќе се случи ако се укине, поништи или измени Преспанскиот договор за кој се водеа преговори повеќе од 20 години, од Привремената спогодба во 1995 до 2018 година?

Укинувањето на Договорот од Преспа би не вратило најмалку 25 години наназад, и би го вратило ПЈРМ односно FYROM, име со кое бевме именувани на меѓународен план, на сметка на уставното име. Тоа ќе значи автоматско укинување на нашето членство во НАТО, губење на ЕУ перспективата, изгубени милијарди евра странски инвестиции и уништување на иднината на нови генерации. Без Договорот од Преспа со сигурност ќе ослабе, а можеби и ќе исчезне поддршката од нашитe стратешки партнери, а неизбежно ќе биде и влошување на политичките и економските односи со Грција, нови блокади од Грција, нова внатрешна нестабилност и ризици за конфликти по најразлични основи, како и зголемување на нестабилноста во регионот.

Уште еден непобитен факт е дека ВМРО-ДПМНЕ никогаш не успеа да испреговара со Грција решение во кое истовремено ќе се признae етничкиот идентитет на Македонците, македонско државјанство, македонскиот јазик, и ќе се зачуваат кодовите „мкд и мк“.

Затоа пак, Владата предводена од СДСМ во последните две години успеа да испреговара со Грција договор поздравен од целата меѓународна и домашна демократска јавност, како наш и европски успех и признаен како пример за Балканот и Светот за решавање проблеми по мирен пат со дијалог.

Укинувањето на Договорот од Преспа е опасност за државата, a сите што заговараат укинување на Договорот заговараат опасност за државата.

Затоа, тука е целата демократската јавност во нашата земја, тука сум јас и СДСМ, заедно со сите политички и граѓански демократски капацитети да гарантираме дека Договорот од Преспа ќе живее и ќе создава иднина за нашата земја – таа иднина значи членство во НАТО, преговори за членство во ЕУ, европски фондови, странски инвестиции, работни места, добри плати, соработка со соседите и заштитен македонски идентитет. Тоа ќе биде така бидејќи ако нема Преспа – нема иднина.

Затоа, јавно го повикувам раководството на ВМРО-ДПМНЕ да престанат со опасните и манипулативни тези за укинување, поништување или менување на Преспанскиот договор со кои се доведува под прашање нашето полноправно членство во НАТО и внатрешната и регионална безбедност.

Укинувањето на Преспанскиот договор нема да биде „враќање чекор назад“, како што сугерира Мицкоски, туку враќање најмалку 25 години наназад, во старите конфликти, поделби, етнички тензии, сиромаштија и меѓународна изолација.

Доста веќе чекоревме назад. Нашиот пат е напред и ние мораме да продолжиме да чекориме напред, на прав пат!

Ви благодарам.