16. август 2025
Centar.mk – Вести, бизнис, забава, спорт…
МАКЕДОНИЈАИЗБОР

Филипче: 13 нови возила за Здравствениот дом Скопје, зајакната единицата за домашно лекување

Министерот за здравство, Венко Филипче, и директорите на Здравствениот дом – Скопје, Виктор Исјановски и Бесим Кока, утрово ги промовираа новите 13 возила наменети за поликлиниките во Скопје.

„10 возила се наменети за единицата за домашно лекување, а другите за секојдневно транспортирање материјали во работните единици во Здравствениот дом. Според извештаите што секојдневно ги добивавме од Службата за итна медицинска помош со домашно лекување, јасно е дека зголемувањето сo возила и екипи, кадровско екипирање и дисперзирањето на службата за брза помош во градот и околината е повеќе од приоритет. Со новите возила значително ги зајакнуваме капацитетите во оваа јавно-здравствена установа“, потенцира министерот Филипче.

Службата за итна медицинска помош со домашно лекување и итна стоматолошка помош овозможува 24-часовна здравствена заштита како единствена за градот Скопје и околните населени места.

„Значително ги подобруваме условите за работа со новите возила. Со поддршка на Општина Гази Баба и градоначалникот Борис Георгиевски, Итната медицинска помош доби донација две специјални возила за медицински потреби од страна на Чешка како давател на донацијата. Би сакал да истакнам дека извршивме набавка и на 10 фрижидери со сопствени средства за Здравствениот дом. Покрај ова, следејќи ги стандардите за квалитетна здравствена заштита, во интерес на долгогодишната соработка и грижа за пациентите во делот на превентивната здравствена заштита, добивме донација од ‘Ново Нордиск – фарм’ – 6 големи фрижидери за непречено соодветно чување на вакцините и инсулините во температурен режим. Од голема важност е континуирано да инвестираме во нова и современа технологија“, изјави директорот на Здравствениот дом Скопје, Исјановски.

Во однос на законски предвидената имунизација, Здравствениот дом Скопје опфаќа третина од државата и со постигнување правилна и целосна имунизација обезбедува стабилен епидемиолошки статус и колективен имунитет во општеството.

„За нас како најголема здравствена установа за град Скопје и околните населени места, најважно е постојано да водиме грижа за здравјето на нашите граѓани и да продолжиме понатаму преку фокусирање на пациентите, користење современа технологија во склад со следење на светските стандарди за квалитетна здравствена заштита и промоција на здрав стил на живеење за здравје во семејството во насока на спречување болести“, рече директорот на Здравствениот дом Скопје, Кока.

Можеби ќе ве интересира

Полицијата ја спаси жената што се фрли во водите на реката Вардар (ВИДЕО)

ДЕСК

Полицијата трага по исчезнато 19 годишно девојче

ДЕСК

Во скопски хотел пронајден починат 44 годишник – полицијата истражува

ДЕСК