Премиетот Оливер Спасовски денеска присуствуваше на чествувањето на верскиот празник Водици во Кочани.
Поздравувајќи ги присутните граѓани Спасовски упати честититки до православните верници во земјата и до Светиот Архиерејски синод.
„Денеска е денот, кога сите ние треба да се очистиме од гревовите и кога водите во нашата земја се преобразуваат во Свети води и на тој начин потсетуваат на крштевањето на Исус Христос во реката Јордан“, рече Спасовски.
Во своето обраќање, премиерот оцени дека денешниот празник е ден на љубовта, слогата, заедништвото и потсетува дека сите ние треба да ја обновиме и зајакнеме духовната зрелост, смирено и со љубов да си посакаме добра волја за совладување на сите предизвици што ни претстојат на личен и на колективен план.
„Затоа секој од нас, денеска треба да ја прими оваа порака дека заедно можеме да направиме многу повеќе и само со слога и со единство можеме да ги оствариме сите наши заеднички цели за развој и за напредок на нашата држава. Нека ни е честит и вековит, големиот христијански празник Богојавление – Водици!“, истакна Спасовски во Кочани.
Воедно, на Горан Зашов, момчето што го фати крстот во Кочанска река, премиерот му подари копија од артефакт од вториот век од археолошкиот локалитет Требениште.