По 120 денари дневно или 2.400 денари месечно се предвидува за здрав студентски оброк со новиот предлог- закон за субвенциониран студентски оброк, за секој редовен студент во Македонија, изјави Моника Зајкова, потпретседателка на ЛДП.
„Ние како партија заедно со нашата младина сакаме да придонесеме студентите повеќе да не јадат нездрава, брза храна и да ги поттикнеме здравите навики, односно да им создадеме услови здраво да се хранат и тоа да биде субвенционирано од државата. Воедно ќе ги стимулираме и малите бизниси, односно ќе се поттикне економијата. Затоа очекувам сите политички субјекти во државата да го поддржат предлогот“, истакна Зајкова.
Од партијата предлагаат правото на субвенциониран студентски оброк да го уживаат студентите кои се државјани на Република Северна Македонија и се запишани како редовни на додипломски студии, на државните или на приватните универзитети. Правото на субвенциониран оброк студентите ќе може да го користат секој работен ден од 8 до 20 часот, но не и во периодот од 1 јули до 14 септември во годината, како и за време на државни, верски празници и во неработни денови.
„Поаѓајќи од концептот за субвенциониран студентски оброк кој со години веќе се имплементира во Словенија, во законот предвидовме право на студентите за значително пониска цена да можат да се хранат во рестораните коишто ќе потпишат договор со Министерството за образование и наука за субвенционирање на студентскиот оброк. Во законот е предвидено дека под субвенциониран студентски оброк се подразбира приготвена храна, но со Правилник за субвенциониран студентски оброк донесен од Министерството за образование и наука детално ќе биде уредено што оброкот вклучува, како и дека од субвенција се исклучени газираните пијалаци и брзата храна, како бургери, бели пецива, тостови, конзервирана храна…“ вели Зајкова.
Износот ќе се исплаќа на давателите на услуги коишто услужиле студент, на почеток на тековниот месец за претходниот месец, по изготвена фактура од нивна страна доставена до Министерството за образование и наука. Давателите на субвенциониран студентски оброк ќе ги избира Министерството за образование и наука преку спроведување постапка за јавна набавка во согласност со одредбите од Законот за јавни набавки.