3.8 C
Скопје
19. април 2024
Centar.mk – Вести, бизнис, забава, спорт…
ТЕМАМАКЕДОНИЈАИЗБОР

(Видео) Премиерот Спасовски на прес конференција со еврокомесарот Вархеји: Со право очекуваме одлука за почеток на пристапните преговори во претстојните месеци

Претседателот на Владата на Република Северна Македонија Оливер Спасовски денеска го прими еврокомесарот за соседска политика и за проширување Оливер Вархеји, кој денеска е во еднодневна работна посета на нашата земја.

Премиерот Спасовски и еврокомесарот Вархеји во Владата имаа тет-а-тет средба, по што ги предводеа разговорите на билатералната средба на делегациите на Владата на Северна Македонија и на Европската Комисија.

Претседателот на Владата Оливер Спасовски и еврокомесарот за соседска политика и проширување на ЕУ Оливер Вархеји потоа одржаа заедничка прес конференција, од која ви го пренесуваме обраќањето ма премиерот Спасовски во целост:

Денеска во име на Владата и во мое лично име, му посакав топло добредојде на нашиот гостин, еврокомесарот Оливер Вархеји. Ова е негова прва посета на нашата земја од неговото стапување на должноста еврокомесар за соседска политика и проширување на Европската Унија во Европската Комисија.

Убeден сум дека нашите средби и комуникација ќе добијат на интензитет зашто влегуваме во важен период во кој очекуваме сериозни исчекори напред кон реализација на една од нашите суштински стратешки цели – членството во Европската унија.

Искрено се надеваме, и со право очекуваме, остварувањето на оваа наша голема цел да започне со одлука за почеток на пристапните преговори во претстојните месеци после 15 години во чекалната со статус држава-кандидат за членство.

Со ништо нема да го загрозиме постигнатото поради што добивме и признание од Европската Комисија минатата година кога на Европскиот Совет му беше препорачано итно и безусловно стартување на пристапните преговорите.

Препораката дојде како резултат на успешно спроведените темелни реформи и како резултат на храбрите одлуки за решавање на недоразбирањата со нашите соседи кои нашите аспирации за членство во ЕУ ги направија реалност.

Ја очекувавме најавената одлука во октомври минатата година откако нашата земја направи сѐ што се очекуваше за да ги стартуваме преговорите.

Иако доживеавме разочарување, прифативме дека стратегиската грешка ќе биде поправена бргу и дека нашите резултати ќе бидат валоризирани според заслуженото иако со одложување.

Благодарни сме за јавните изјави на претседателката на Европската Комисија, Урсула Фон Дер Лејен и на Комесарот Вархеји дека одлуката за почеток на пристапните преговори треба да се донесе што поскоро. Програмата на новата Европска комисија претставува нова, голема надеж за државите од Западен Балкан и зајакнување на нашите позиции како идни членки на ЕУ.

Европската Комисија отсекогаш била, и останува наш прв, искрен и чесен сојузник во нашите настојувања за приближување кон ЕУ. Очекуваме ова сојузништво да продолжи и со новиот состав на Европската Комисија. Го сметаме процесот за постигнување на стандардите на ЕУ за особено значаен и токму затоа влеговме со уште поголема мотивација за спроведување на реформите.

За нас е од особено значење што Европската Комисија по Европскиот Совет во октомври 2019 година, ја презеде обврската и под водство на нашиот гостин, новиот Комесар за соседска политика и пристапни преговори Вархеjи, до крајот на овој месец ќе биде презентиран документ со предлог за изменета методологија за водење на пристапните преговори.

Северна Македонија е заинтересирана што побрзо да се објави методологијата и се надева дека предлогот ќе ги задоволи барањата и очекувањата на Франција и дека тој документ ќе ги вгради и ставовите на земјите членки кои беа и останаа пријателски настроени кон проширувањето и кои немаа ништо против тоа да започне уште во октомври минатата година.

Се разбира, наш интерес е да се избегнат нови несогласувања и да се постигне консензус за отворање на преговорите час поскоро. За нас е клучно подобрувањето на методологијата за преговори и донесувањето на одлуката за почеток на преговорите со Северна Македонија бидат одвоени, но комплементарни процеси.

За време на нашата средба го информирав еврокомесарот Вархеји за работата на преодната Влада и за подготовките за фер, демократски и успешни парламентарни избори.

Нашата држава се наоѓа во исклучително значаен период кога се очекува непречено функционирање на сите институции на државната власт.
Ова е период во кој до максимален израз треба да дојде личната и институционална политичка и професионална одговорност, и да се даде најдобриот придонес за доброто на граѓаните и за развојот и напредокот на Северна Македонија.

Ова е време кога е треба да се организираат фер и демократски избори. Да се завршат потребните активности за полноправно членство на нашата држава во НАТО и да се следат внимателно одлуките на Европскиот совет поврзани со почетокот на преговорите за членство во Европската Унија и никако да не се доведат во ризик.

Треба да ни биде јасно дека секоја постапка, секоја изјава, која ги доведува под прашање остварените достигнувања во односите со соседите и нашите домашни и меѓународни обврски, ја загрозуваат и ја ставаат под прашање и нашата евро-атлантска перспектива за која одамна имаме национален консензус.

Искрено се надевам дека сите политички фактори кои учествуваат во Владата ќе бидат на висина на задачата и одговорноста која ја имаат во преодната Влада до предвремените парламентарни избори на 12 април 2020 година.