Земјоделската 2019 е потврда на добрите политики на Владата и финансиската поддршка на земјоделците ќе продолжи со навремена и неселективна исплата на субвенциите. Ова го истакна министерот за земјоделство, шумарство и водостопанство, Трајан Димковски, кој денеска одржа прес-конференција во Владата.
Тој рече дека паралелно со првенствената цел на техничката Влада да се организираат слободни, фер и демократски избори, без никаков застој и пречки ќе продолжи спроведувањето на мерките за финансиска поддршка во земјоделството и руралниот развој, со навремена и неселективна исплата на субвенциите.
„Министерството за земјоделство, шумарство и водостопанство, со техничката Влада доби дополнителен-заменик министер за земјоделство, шумарство и водостопанство. Тоа нема да има никакво влијание врз спроведувањето на планираните активности на министерството. Македонското земјоделство е во сигурни раце и заедно со земјоделците ќе работиме на развојот на нашето до европското земјоделство“, рече Димковски.
Министерот појаснува дека формирањето на техничката Влада нема да го закочи спроведувањето на мерките што се планирани со тековните годишни Програми, а тоа значи дека, согласно планот, и во следниот период Агенцијата за финансиска поддршка во земјоделството и руралниот развој ќе продолжи со навремената и неселективна исплата на субвенциите од Програмата за финансиска поддршка на земјоделството и руралниот развој за 2019 година.
„Нема поништување на објавените јавни повици за давање на државно земјоделско земјиште под закуп. Во тек се вкупно четири јавни повици за давање во закуп на земјоделско земјиште во државна сопственост, за коишто рокот за поднесување на потребната документација е до 22 овој месец. Непречено и согласно динамиката ќе продолжи реализацијата на инвестициите во водостопанската инфраструктура. Во моментот во полн ек е изградбата на брани и современи системи за наводнување, како што се браната Конско, системите за наводнување на јужната долина на реката Вардар втора фаза и Равен-Речица и браната Речани, малите еколошки системи за наводнување и други инвестиции во водостопанството. Овие инвестициите ќе овозможат наводнување на нови над 28 илјади хектари земјоделска обработлива површина“, додаде Димковски.
Министерот оцени дека земјоделската 2019 е потврда на добрите политики на Владата и година во којашто се донесоа мерки од кои директен бенефит имаат земјоделците.