-Кадрите на ВМРО-ДПМНЕ во преодната влада се остатоци на криминалниот режим на Никола Груевски и покажуваат дека опозицијата е управувана од Будимпешта и заглавена во режимската, груевстичка матрица, се вели во денешното соопштение на СДСМ.
„Дополнителната заменичка министерка за информатичко општество Невенка Стаменковска е кадар на Никола Груевски. Затоа не чуди што токму таа гласно го бранеше во Собранието кога требаше да му се одземе пратеничкиот мандат на осудениот криминалец во бегство.
Затоа не чуди што токму Стаменковска учествуваше во партиските протести пред судот кога се бранеше криминалот на Груевски и високи функционери на ВМРО-ДПМНЕ.
Јасно е дека кадрите на ВМРО-ДПМНЕ во преодната влада се кадри на Груевски.
Таков е случајот и со тимот на дополнителната заменичка министерка за финансии Гордана Димитриеска Кочовска, која во својот кабинет ги ангажирала и Благоја Ташаминов и Мишо Николов.
Благоја Ташаминов е човек на Никола Груевски и Ѓорге Иванов. Ташаминов во време на најкриминалното владеење на ВМРО-ДПМНЕ бил претседател на Комисијата за јавни набавки, но и близок соработник на Зоран Ставревски.
Ташаминов претходно нашол прибежиште во Агенцијата за разузнавање под ингеренција на Ѓорге Иванов.
Мишо Николов јавноста многу добро го памети по тоа што беше директор на Јавното сообраќајно претпријатие Скопје. Додека Николов раководеше со сообраќајното претпријатие, се возеа стари и нееколошки автобуси а ЈСП градеше панорамско тркало за да ги исполни желбите на Груевски.
Тимот на Цветан Трипуновски против кого има кривична пријава за злоупотреба на 170.000 евра, е олицетворение за погубните политики на ВМРО-ДПМНЕ во земјоделството кога цели 11 години кога земјоделците осиромашуваа, производството пропаѓаше а кадрите на ВМРО-ДПМНЕ се богатеа на сметка на макотрпниот труд на земјоделците.
Наќе Чулев беше директор на Агенцијата за разузнавање во време кога се случија настаните во „Диво Насеље“. Оваа хипотека на Чулев ќе има негативни импликации во јавноста и кај вработените во МВР.
Тимот на Рашела Мизрахи е составен од лица кои се познати во јавноста како дел од режимското владеење на ВМРО-ДПМНЕ и биле дел од креирање на погубниот проект Скопје 2014, соработници на Диме Спасов и одговорни за омаловажувањето на сиромашните, стечајците и пензионерите.
Во ВМРО-ДПМНЕ ништо не се променило, тоа е истата партија на Никола Груевски, истата режимска политика, а тоа граѓаните ќе го казнат на 12 април. Режим никогаш повеќе!“ – се вели во соопштението.