24. ноември 2024
Centar.mk – Вести, бизнис, забава, спорт…
МАКЕДОНИЈАТОП ВЕСТИ

(Видео) Филипче: Од февруари повисоки плати во здравството

Од февруари повисоки плати ќе добијат специјалистите, наставниот кадар, општите лекари, медицинските лекари, здравствените соработници и помошно техничкиот персонал, изјави министерот за здравство, Венко Филипче, и додаде дека во текот на минатата недела е потпишан Колективен договор со кој од први февруари се зголемува и коефициентот за исплата на дежурства.

„Со најновите измени и дополнувања во Колективниот договор за здравствена дејност направено е значително зголемување на коефициентот на сложеност, со што се зголемува и додатокот на плата за дежурства. Со овие измени опфатен е и помошно техничкиот персонал. Со февруарската плата, зголемувањата се следни: наставниот кадар добива 20% зголемување; лекарите специјалисти 25%; општите лекари 15%; медицинските сестри 10%; здравствените соработници 5%; помошно технички персонал 5%“, рече Филипче.

Тој појасни дека овој договор е потпишан пред започнување со работа на техничката влада.

„Морам да потенцирам дека со ова зголемување на коефициентите на сложеност се зголемуваат и процентите за исплата на дежурствата. Во однос на тоа што беа во 2018 година, сега во овој момент се зголемени за 3 до 4 пати. Од месец февруари ќе бидат зголемени од 4 до 5 пати“, изјави министерот Филипче.

Тој потенцираше дека и сега на некои клиники платата достигнува 100 илјади денари.

„Веќе сега на некои клиники каде има голема комплексност, пр. хируршки клиники, со дежурствата платата достигнува 100 илјади денари. Но, од февруари на сите клиники платата ќе биде 100 илјади денари, некаде може да се надмине, а сериозно ќе се доближи помеѓу 85 и 110 илјади денари во зависност од дежурствата во општите болници ширум земјата“, истакна министерот Филипче.