3.8 C
Скопје
20. април 2024
Centar.mk – Вести, бизнис, забава, спорт…
БИЗНИСИЗБОР

Заев: Во компаниите што добија поддршка преку Фонд за иновации приходите се пораснати за 50 отсто

Во 2019 година во Фонд за иновации и технолошки развој пристигнале дури 487 апликации за поддршка, што е тројно повеќе од првиот повик во 2015 година кога беа пријавени 158 апликации, истакна премиерот Зоран Заев на презентацијата на работата на ФИТР во 2019 и на кампањата „Креираме успешни приказни“.

Како што кажа тој, Владата го следела зголемениот интерес и Буџетот за поддршка на иновации од 1,2 милиони евра поддршка во 2015 година, во 2019 година изнесувал дури 11,2 милиони евра.

„Резултатите од одобрените проекти се одлични. Во компаниите што добија поддршка преку Фондот за иновации и технолошки развој приходите од работењето пораснаа за 50 отсто, нето добивката пораснала за вртоглави 64 отсто, бројот на вработени е зголемен за 27 отсто, а просечната месечна плата пораснала за 40 отсто. Дури 839.3 илјади евра или 39 отсто од средствата што биле доделени како грант се вратени во Буџетот преку данокот на добивка и задолжителни придонеси на поддржаните компании“, информираше премиерот.

Додаде дека вкупниот број на вработени во грантираните компании изнесува 769 вработени, од кои дури 360 се ново отворени места благодарение на финансиската поддршка на Фондот за иновации и технолошки развој.

„Просечната плата во овие компании е 700 евра. Тоа се бројките на успехот. Тоа е бројките што ја прават голема насмевката на лицата на 769 вработени“, рече Заев.

Директорот на Фонд за иновации и технолошки развој, Јован Деспотовски рече дека семејството на ФИТР во изминативе две години пораснало на 314 компании, 54 поддржани училишта и над 30 партнерски организации.

„Го зголемивме обемот на инвестиции во домашните компании за 57 пати. Две и пол години работиме, и две и пол години слушаме и критика и тоа голема. Не беше лесно да се помине сето тоа. Но ова што гледате тука се реални луѓе, реални проекти и реални успешни приказни, а не измислени работи. Одбравме дел од нашите корисници да ни бидат амбасадори и преку нивните приказни да го доближиме заедничкиот успех“, кажа директорот Деспотовски на презентацијата на работата на ФИТР и на кампањата „Креираме успешни приказни“.

Спонзорирано: