Полицијата приведе три лица за кражба на над 50 предмети од бензинска пумпа во Куманово. Како што информира МВР, на 22.12.2019, околу 22 часот, полициски службеници од СВР Куманово го привеле Е. Ј. (38) од Крива Паланка поради тоа што заедно со уште две лица извршил кражба на над 50 предмети од бензинска пумпа во Куманово.
Тој и двете лица искористиле можност кога на бензинската пумпа имало повеќе луѓе и во неколку наврати ги одзеле предметите и ги ставиле во патничкото возило „сузуки гранд витара“ со бугарски национални ознаки, кое било паркирано пред пумпата. Тие биле забележани од вработените по што била повикана полиција и агенција за обезбедување. Е. Ј. бил лишен од слобода, а при преглед во возилото биле пронајдени предметите. По приведувањето во СВР Куманово, Е. Ј. почнал да се однесува агресивно и физички нападнал еден полициски службеник.
По преземените мерки, во врска со настанот биле приведени и Д. М. (33) и С. С. (36) од Крива Паланка. По целосно документирање на случајот, против тројцата ќе биде поднесена кривична пријава поради сомнение за сторено кривично дело кражба, а против Е. Ј. ќе биде поднесена и кривична пријава поради напад врз службено лице при вршење работи на безбедноста, соопшти МВР./Makfax