На Четвртиот изборен конгрес на ДУИ, вечерва Али Ахмети повторно е избран за лидер на партијата. За него гласаа повеќе од 800 делегати кои учествуваа на Конгресот во Скопје. Тој беше единствен предлог за лидерската функција. Во неговото обраќање, Ахмети предупреди дека мора да се почитуваат Охридскиот договор, Преспанскиот договор како и Договорот за добрососедство.
„ Нема враќање назад. Нема ниту простор ниту време за да гледаме назад, ова се затворени прашања и обезбедуваат една посигурна иднина на РСМ. Секое настојување за ставање раце на овие три елемнти ќе биде соочено со отпор и нас нема да не има за партнери, бидејќи се доведува во прашање иднината на нашите граѓани и идните генерации“, предупреди лидерот на ДУИ.
Тој нагласи дека од 2001 година со донесувањето на Охридскиот договор променет е политичкиот статус на Албанците во земјата.
„Албанците тука ги сакаа како потстанари, но не и како господари на домот. Но по бројни жртви, и пролеана крв, Албанците денес слободно го користат албанското знаме, јазик, имаат три универзитети, имаат полиција и војска каде се претставени со дигнитет“ рече Ахмети и се осврна на соработката со партии и претставници на Македонците и кажа дека никогаш не делувале зад грб и никогаш нема да работат со двојни стандарди, туку транспарентно и со почитување на дадениот збор.
„ДУИ остана силна затоа што имаше визија како треба да се реализираат работите, да се дојде до тоа што е постигнато и патот кон кој треба да се движиме. Целото наше делување како организација личи на орелот кој ја следи целта и никогаш не ја испушта од вид. И ние и покрај потешкотиите кои ги имавме, верноста во целта никогаш не сме ја изгубиле. Затоа денес сме тука да ги зајакнеме основите на ДУИ за следните 20 години“, рече Ахмети.
Во однос на претстојните задачи посочи дека денес најголем предизвик е да се изгради квалитетно образование прифатливо од целата меѓународната заедница, да се унапреди здравството, на владеењето на правото, на ветингот во судство.
Тој додаде дека ДУИ е во комуникација и соработува со сите политички партии, разлики имало, има и сега, но рече разликите не смеат да ги стават под прашање интересите на општеството и државата. Евроатлатските интеграции, рече не може да се заменат со други иницијативи. Се заложи за помирување во регионот, за развој, бидејќи, вели, патот кон создавање стабилност и мир е единствениот евроатлантски пат. Земјата е пред реално челенство во НАТО, а останува да се продолжи работата кон членство во ЕУ. Најави и победа на претстојните предвремени избори.