23. ноември 2024
Centar.mk – Вести, бизнис, забава, спорт…
МАКЕДОНИЈА

Стоилковски: Чекаме реакција од Јавното обвинителство да го испита случајот со уништениот инсулин

Аферата со уништување инсулин покажува дека се фатени живи во сомнеж за постоење криминал. Документите несомнено покажуваат дека уништен е инсулин со валиден рок на траење. А сето ова отвора простор за кривично гонење од Основното јавно обвинителство, изјави портпаролот на ВМРО-ДПМНЕ, Наум Стоилковски.

„Аргументите на Министерството за здравство се лажни и неуверливи. Јавно ги повикуваме да го објават датумот кога уништениот инсулин е набавен. Ако се знае дека нема инсулин со рок на траење поголем од две години, а уништениот имал рок на траење уште 6 месеци, јасно е дека инсулинот е набавен во време на оваа власт. Дополнително, Министерството за здравство нема никакво образложение за причините зошто тој инсулин го прогласува за сомнителен.

Напротив, ова е известување на Aгенцијата за лекови и медицински средства (МАЛМЕД) од октомври 2017 година, што покажува дека е направена анализа на инсулинот, при што констатирано е дека инсулинот е во одлична состојба и не се најдени никакви недостатоци.

Го повикувам Венко Филипче да каже кога е произведен инсулинот што беше уништен, а беше со рок до јуни, односно до јули 2020 година. Ова известување на Агенцијата покажува дека Венко Филипче лаже кога тврди дека порано е набавуван инсулин со сомнителен квалитет. Ова е непобитен доказ дека е уништен здрав инсулин. Ова отвора сомнеж дека Владата и Филипче уништиле здрав инсулин за да има нов тендер, каде што добитник ќе биде компанија блиска до власта. Филипче треба кривично да одговара за овој скандал.

Јавното обвинителство би требало да реагира во согласност со своите обврски, да реагира по допрен глас. Да реагира по сè што е укажано од ВМРО-ДПМНЕ, досега оваа партија неколкупати го има посочено Јавното обвинителство како место каде што се закочуваат правото и правдата и се отвора сомнеж за правната држава во оваа земја. Злоупотреба на службена должност не е само да се сработи нешто, туку и непостапување е кршење на службената должност во Јавното обвинителство. Чекаме одговор од Венко Филипче, а чекаме и реакција од Јавното обвинителство да го испита случајот“, порача Стоилковски.