Секогаш во средиштето на збиднувањата...

ВМРО-ДПМНЕ ќе поднесе амандмани за Законот за употреба на јазиците

ВМРО-ДПМНЕ ќе поднесе амандмани за Законот за употреба на јазиците и негово усогласување со препораките на Венециската комисија, изјави пратеникот Драган Данев.

„Власта ја загрозува европската иднина на Македонија. Венециската комисија јасно потенцира дека Законот за употреба на јазиците е спротивен на Уставот и надвор од европските практики. Почитувањето на препораките на Венециската комисија е обврска за Република Македонија. Нон пејперот на Франција, според кој ќе се изготви новата методологија за почеток на преговори со Унијата, бара и почитување и имплементација на кажаното од Венециската комисија. Забелешките на Венециската комисија се во согласнот со забелешките на ВМРО-ДПМНЕ, кои ние како партија ги поднесовме уште пред една и пол година кога владината коалиција насилно го туркаше злоупотребувајќи европско знаменце“, рече Данев.

Тој го повика владејачкиот СДСМ да ги поддржи амандманите.

Исто така, додаде тој, власта треба да се охрабри и да ги прифати и предлозите на претседателот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски, за гласање закон за забрана за амнестија на политичари, како и забрана за занимавање со политика на лица што биле амнестирани.

„Заев се плаши и да прифати закон за утврдување потекло на имотот на политичарите кои преку ноќ стекнале огромни богатства. Доколку Зоран Заев има барем малку чест и храброст, тој ќе го прифати и предлогот на претседателот Христијан Мицкоски за измени во Законот за изборите и воведување кандидат мандатар, со што претендетот за премиер нема да може по избори, да се крие зад пратеничкиот имунитет и ќе си замине од политиката“, рече Данев.

Во тренд…