Претседателот на Владата, Зоран Заев, на маргините на состанокот на лидерите на НАТО по повод 70 -годишнината од постоењето на алијансата оствари средба и со премиерот на Хрватска, Андреј Пленковиќ.
На средбата двајцата премиери се согласија дека успехот на Северна Македонија во процесот за пристапување кон полноправно членство во НАТО е израз на спроведувањето на реформите и на успешното решавање на сите билатерални прашања, а членството во алијансата доаѓа како потврда на исправноста на овие политики.
Премиерот Пленковиќ на средбата ја потврди силната поддршка од Хрватска за Северна Македонија и дека двете земји сега имаат уште една заедничка точка која ги поврзува и ги охрабрува за продлабочување на пријателските односи со сојузништвото во НАТО.
На средбата заеднички е констатирано дека позитивниот момент е одлична мотивација за исправање на грешката на ЕУ кога на последниот самит на Европскиот совет не беше одобрено почнувањето на преговори со Северна Македонија и дека во претстојниот период, кога Хрватска ќе го преземе претседавањето со ЕУ, треба да се создадат сите неопходности Северна Македонија да го почне и овој процес.
На средбата беше речено дека тоа е силен мотив за продолжување на реформите во земјата, а комплетирањето на евро-атлантските аспирации на Северна Македонија е од особено значење и за одржливиот мир и стабилноста на регионот.