Секогаш во средиштето на збиднувањата...

Владата ги прифати седумте барања на „Марш за чист воздух“ и ги кани на средба

„Со целосна почит за исклучителната важност на темите што ги загрижуваат сите граѓани во земјата, особено оние од најпогодените градови, Владата со внимание ги прифати и разгледа барањата кои ги поставија организаторите на „Марш за чист воздух“ како услов за одржување на средба и ја подготви оваа информација која ги опфаќа сите наведени точки“, се вели во соопштението.

Во однос на првото барање за указ за итно носење на ДУП СИ 09 Гази Баба за Вардариште, од Владата информираат дека ова барање е прифатливо. „Истовремено информираме дека ДУП СИ 09 Гази Баба за Вардариште моментално е на усогласување во Градот Скопје, и се очекува да биде усвоен на наредната седница на Советот на градот. Потоа Министерството за транспорт и врски и Општина Гази Баба во најкраток можен рок ќе го разгледаат усогласениот ДУП, по што планот ќе биде усвоен најдоцна до крајот на 2019. година“, се вели во соопштението.

„Во однос на барањето ЈО да отвори истрага за Охис и за палење на кабли во Скопје, Владата го прифаќа вашето барање и ги става на располагање сите доказни материјали кои се прибрани од институциите со кои раководи, како што се Министерството за животна средина и просторно планирање (МЖСПП) и Државниот инспекторат за животна средина (ДИЖС), и го повикува ЈО да го слушне гласот на граѓаните и да отвори постапка за Охис и за палењето на кабли во Скопје.Со ова само сакаме да потенцираме дека МЖСПП и ДИЖС секогаш и без исклучок соработуваат и ќе соработуваат со истражните постапки на Републичкото ЈО или на ЈО Скопје, како и со сите останати основни јавни обвинителства.

За барањето да се усвојат на Влада измените и дополните на Законот за животна средина со кои се идентификуваат и уредува постапувањето со контаминирани подрачја, Владата го прифаќа барањето. Во новите Предлог-измени на Законот за животна средина предвидени се два нови члена (член 28-а и 28-б) кои директно се однесуваат на управувањето со контаминираните подрачја, а се поврзани со барањето на „Марш за чист воздух “. Предлог-измените го покриваат начинот и методологијата за идентификација на контаминираните подрачја, видот и нивоата на опасни супстанции во медиумите на животната средина како показател за контаминацијата на одредено идентификувано подрачје, и даваат насоки за дефинирање на планови за управување со контаминирано подрачје. Предлог-законот за изменување и дополнување на Законот за животна средина, е ставен како точка на дневен ред на 130-тата седница на Генералниот колегиум на Владата, закажана за 4 декември 2019 (среда), по што ќе оди на разгледување и утврдување на седница на Влада на 10-ти декември 2019 (вторник), а потоа и на усвојување во Собранието на Северна Македонија.

Во одснос на барањето за стопирање на процедурата на усогласување на законите од областа на заштита на здравјето на луѓето, заштита на природни богатства, животна средина, заштита на културно наследство, заштита од природни и други непогоди, комунална хигиена со законот за прекршоци, Владата го прифаќа вашето барање и ги стопира усогласувањата.

Владата го профаќа и барањето за поднесување на веќе изготвената апликација за прогласување на Охридско Езеро и Студенчишко Блато како водно живеалиште од меѓународно значење до Рамсарскиот секретаријат.Апликацијата ќе биде поднесена откако ќе биде потпишан анексот на Студијата за валоризација за Студенчишко блато, како и потпишувањето на Договорот за Студија за ревалоризација на Охридското езеро помеѓу ГЕФ, МЖСПП и УНЕП до крајот на 2019 година“, се додава во соопштението.

Во однос на одземање на концесијата на Еуромакс за рудникот Иловица-Штука, Владата потсетува дека одлуката за одземање на концесијата на Еуромакс за рудникот Иловица-Штука, како еден од условите што организаторите на „Марш за чист воздух“ за средба во Владата, е веќе донесена и по завршувањето на жалбената постапка која е во тек во Управниот суд, таа ќе стапи во сила.

За одземање на истечената концесија за експлоатација за рудникот Плавица.
Предлогот се прифаќа и Владата се обврзува да ја донесе оваа одлука најдоцна до 17.12.2019.

„Владата изразува надеж дека аргументите и информациите во ова соопштение во однос на условите на „Марш за чист воздух, ќе доведат до средба на која заеднички ќе се обединат напорите на институциите и граѓанскиот сектор во однос на грижата за здравјето на граѓаните и животната средина. Ова треба да биде само прв заеднички чекор. Владата смета дека со заеднички напори, треба да се работи и понатаму во исполнување и на останатите барања на граѓаните, како и исполнување на Планот за чист воздух“, се наведува во соопштението од Владата.