4.8 C
Скопје
19. април 2024
Centar.mk – Вести, бизнис, забава, спорт…
ТЕМАМАКЕДОНИЈАТОП ВЕСТИ

Заев убеден: Ќе победиме на изборите со разлика меѓу 60 и 120 илјади гласови

Со разлика од 60.000 до 120.000 ќе ве победиме на следните парламентарни избори идната година, рече претседателот Зоран Заев одговарајќи на пратеничко прашање дали ќе се повлече од политиката и од лидерската позиција во партијата, ако не победи на парламентарните избори идната година.

„Тоа ќе се случи не затоа што сум прогнозер, туку заради вашите политики, а заради искрените, чесните, одговорните и храбрите политики на оваа Влада, заради слободата и демократијата што ја овозможивме. Ако ги гледате сите тие анкетите и анализи, дури и тие на вашите институти, 100 проценти“, оцени премиерот Заев, и истакна дека голем број гласачи се „ежат од помислата дека Мицкоски и ВМРО-ДПМНЕ ќе дојде на власт заради нивната покажана ароганција, дрскост, безобразие, закана. Кому му треба тоа? Луѓето сакаат транспарентност, одговорност, прифаќање на одговорност. Нашите анкети покажуваат дека победуваме, вашите не знам што ви покажуваат. Јас ви покажувам какви ќе бидат резултатите на изборите“, рече од собраниската говорница премиерот и претседател на СДСМ, Зоран Заев.

Претседателот на Владата и претседател на СДСМ Зоран Заев нагласи дека неговата е демократска партија и дека дали ќе биде мандатар за премиер на следните избори ќе одлучи Централниот одбор и Конгресот на Партијата.

„И да, јас ќе бидам кандидат за Премиер. Дали ќе бидам „шпицен“ кандидат? Ќе бидам и центарфор и лево и десно крило. Ќе играм на сите позиции. Затоа што во вакви околности, на вакви политики, на храбри политики, интегрирана држава, пријател со сите соседи, земја поддржана од целиот свет, со економски политики што растат, имаме сериозно очекување да имаме убава разлика и победа за да добиеме уште еден цел мандат “, додаде Заев.

На прашањето дали ќе прифати ТВ-дуел со опозицискиот лидер, на ВМРО-ДПМНЕ, премиерот Заев одговори потврдно, дека е подготвен во секое време да одговори на такви покани.

„Не поминуваат национализми, голи популизми, закани за уништување на Преспанскиот договор. Кажете го вашиот став по ова прашање, немавте храброст, ве повикувавме да се приклучите во донесувањето на големите одлуки. Кажете го вашиот став, дали ќе го поништите Преспанскиот договор, да знае народот. Се одговара тоа прашање, тоа се кажува на ТВ-дуел“, рече претседателот Заев денеска од собраниската говорница на седницата за пратенички прашања