24. ноември 2024
Centar.mk – Вести, бизнис, забава, спорт…
ЛОКАЛНО

Скопје ја доби првата тартан-патека во Градскиот парк

Скопје ја доби првата тартан-патека што е оформена околу малото езеро во вториот дел од Градскиот парк. Патеката е наменета за сите граѓани, а не само за професионалните спортисти.

„Од денеска на скопјани им ја ставаме на располагање првата тартан-патека на јавен простор, во Градскиот парк околу малото езеро. Патеката има кружна форма, долга е 534 метри и ќе послужи вљубениците во трчањето, оние што трчаат на Скопскиот маратон, но и рекреативците, да ја имаат вистинската подлога за својата активност. Ако има интерес и увидиме дека граѓаните ја користат, Град Скопје планира ваква кружна патека да направи и околу големото езеро во Градскиот парк. Оваа патека е сместена на многу атрактивна локација, во еден од најживописните делови од паркот. Внимававме граѓаните патеката да може да ја користат и во текот на ноќните часови, односно таа е целосно осветлена“, рече градоначалникот на Скопје, Петре Шилегов.

Тој нагласи дека сенките од околните дрвја ја штитат патеката од директните сончеви зраци, што ја прави атрактивна и за летниот период кога многу граѓани го користат паркот за прошетки, одмор и рекреација. Околу тартан-патеката е поставена и соодветна урбана опрема и придружни содржини – инфо-табли, чешми, клупи и корпи за џебен отпад.