Министерството за труд и социјална политика повикува на надминување на предрасудите, со цел сите заеднички да работат за благосостојба на секое едно дете. Реакцијата на МТСП следи по протестот во Визбегово што беше денеска организиран од страна на група граѓани.
МТСП во последните две и пол години интензивно работи на процесот на деинституционализација. Од над 180 деца кои живееја во институции на почетокот од 2017 година, денеска има само пет деца во нив. Искуствата од групните домови се покажаа позитивни и за децата и за заедниците.
Со цел да ги заштити од омразата насочена кон нив, Министерството за труд и социјална политика информира дека денеска привремено во текот на протестите во Визбегово организирани од соседите ги дислоцираше трите деца сместени во малиот групен дом и истите ќе бидат вратени во Визбегово веднаш по завршувањето на протестот.
„Навистина ми е жал што дел од нашето општество сѐ уште не е зрело да се грижи и да ги прифати децата коишто во животот имале помалку среќа. Ние се грижиме за секое дете во државата. Не сакавме малолетните деца да ја слушнат омразата и гневот насочен кон, затоа во овој момент додека трае протестот тие се однесени на место каде што се прифатени од околината. За жал децата се свесни за ова што се случува тука и веќе патат“, истакна директорката на трансформираните установи „25 Мај“ и „Ранка Милановиќ“, Виолета Масевска Палиќ.
Трите деца од поранешна „Ранка Миловановиќ“ сместени во малиот групен дом во Визбегово имаат 24 часовен надзор од стручни лица. Тука за првпат добиваат топол дом и грижа кои досега има недостасувале во животот. Неколку недели пред да се преселат децата во куќата во Визбегово се известени сите блиски соседи коишто се најдени во своите домови.
МТСП потврдува дека петицијата од жителите е примена и одговорена во најбрз можен рок. Министерката Мила Царовска и други вработени во МТСП остварија и лична средба со жителите -потписници на петицијата./Makfax