23. ноември 2024
Centar.mk – Вести, бизнис, забава, спорт…
МАКЕДОНИЈА

СДСМ: Залудни се погрешните математики на Мицкоски, пензиите во последните 2,5 години растат повеќе отколку за време на криминалното владеење на ВМРО-ДПМНЕ

-ВМРО-ДПМНЕ и Христијан Мицкоски продолжуваат да се противат на зголемување на пензиите, да се противат на секоја мерка што обезбедува повеќе пари кај граѓаните. Ништо ново од партијата која со години беше навикната да зема пари од граѓаните заради лично богатење. Колку ВМРО-ДПМНЕ се грижеше за пензионерите говорат годините на нивното владеење кога постојано ги манипулираа пензионерите а усогласувањето на пензиите го правеа надвор од закон и популистички пред избори. Залудни се сите весели и погрешни математики на ВМРО-ДПМНЕ и Мицкоски. Пензиите во последните две и пол години растат и ќе продолжат да растат, реагираат од СДСМ на прес конференцијата Наум Стоилковски од ВМРО-ДПМНЕ.

„Математички прецизно, со новото зголемување на пензиите од први јануари 2020 година просечната пензија ќе изнесува 15.500ден што од 2016 годиан па наваму е зголемување за 12,7 отсто.

Со ова зголемување месечниот индикатор за зголемување на пензиите кој го споменуваат Мицкоски и ВМРО-ДПМНЕ, изнесува 0,42%, а не 0,18%. Како што и самите споменуваат, во периодот на ВМРО-ДПМНЕ овој индикатор изнесува 0,40% што значи дека зголемувањето на пензиите е поголемо откако СДСМ дојде на власт.

Моделот што го предлага опозициската партија, ВМРО-ДПМНЕ имаше можност да го применува додека беше на власт, но одлучуваше секоја година да им го оспори правото на законско зголемување на пензиите, па пенизонерите добиваа ад хок паушално зголемување на крајот на годината кое поделено на 12 месеци изнесуваше само 60 денари месечно. Ние, со покачувањето, за цела година даваме околу 10.000 денари или околу 850 денари месечно.

Додека ВМРО ДПМНЕ и Мицкоски манипулираат со граѓаните, СДСМ докажа дека може да стабилизира пензискиот систем и истовремено пензиите да продолжат да растат.

Со пензиската реформа обезбедивме редовни и повисоки пензии за сегашните и идни генерации. Со неа започнува стабилизацијата на пензискиот фонд, каде токму лошите и неодговорни политики на ВМРО ДПМНЕ оставија долг од 19 милијарди денари.

Јасна е разликата помеѓу неодговорниот расипнички пристап на ВМРО-ДПМНЕ и одговорните политики на СДСМ. Тоа граѓаните го гледаат а своето ќе го кажат на 12 април кога ќе потврдат дека државата е на прав пат и повторно ќе ги поразат деструктивните политики на ВМРО-ДПМНЕ.“ – се вели во реакцијата.