ЈП „Комунална хигиена – Скопје“ почна акција за отстранување на најголемите диви депонии лоцирани на територијата на градот.
Во текот на денешниот ден целосно се расчистени дивите депонии во општина Аеродром (ул.Лисец, нас.Лисиче), општина Чаир (бул.Македонско-Косовска бригада), општина Бутел (покрај бул. Х.Т.Карпош) и општина Шутка (патот кон Визбегово).
Од Јавното претпријатие информираат дека во рамките на активностите се отстранети вкупно 1.000 метри кубни непрописно одложен комунален, кабаст и градежен отпад.
Директорот на ЈП „Комунална хигиена – Скопје“, Абдусамед Шабани, и градоначалниците на општините Аеродром, Чаир и Бутел – Златко Марин, Висар Ганиу и Велимир Смилевски, ги проследија активностите за отстранување на дивите депонии и апелираа до граѓаните правилно и совесно да го одлагаат отпадот.
ЈП „Комунална хигиена – Скопје“ најавува дека ќе продолжи со расчистување на дивите депонии и во сите останати скопски општини./Makfax