Рачна бомба oд моделот „Ф1“ од руско производство била пронајдена при претрес во домот на маж од Арачиново.
Од Обвинителството информираа дека претресот се случил на 18 октомври, а бомбата била пронајдена во фиока во плакар, кој се наоѓал во шупата.
„При претрес пронајдена е рачна бомба модел ‘Ф1’ од руско производство со експлозивно полнење од 60 г тротил (ТНТ). Поседувањето ваква експлозивна направа на граѓаните им е забрането со закон“, велат од ОЈО Скопје.
Против лицето поднесено е обвинение за кривично дело неовластено изработување, држење, посредување и тргување со оружје или распрскувачки материи.
Истовремено, надлежниот обвинител му предложи на Основниот кривичен суд Скопје да ја продолжи претходно определената мерка притвор за обвинетиот бидејќи постојат околности што го оправдуваат стравот дека тој би можел да се даде во бегство за да го избегне кривичниот прогон./Makfax