Случајот за кривичната пријава во врска со катната гаража, што „Никофон“ треба да ја гради кај „Аутомакедонија“, сè уште е во фаза на предистражна постапка и не е донесена јавнообвинителска одлука, соопшти Јавното обвинителство. Од таму велат дека повторно повикале претставник на Општината за да ги даде неопходните појаснувања и да ја приложи потребната документација. Во поглед на изнесените наводи за постигнатата цена на земјиштето, Обвинителството нагласува дека од сите прибрани материјални докази во предметот до овој момент произлегува дека постигнатата и исплатена цена за спорната парцела во согласност со договорот изнесува 6.150 денари за квадратен метар.
До Основното јавно обвинителство Скопје од страна на две лица во март 2015 година била поднесена кривична пријава против четири лица, а во септември 2016 година било поднесено и проширување на пријавата против уште едно лице за кривично дело злоупотреба на службената положба и овластувањето. Наведените кривични пријави се однесуваат на евентуални неправилности во поглед на неисполнување на договорните обврски од склучен договор меѓу Министерството за транспорт и врски како отуѓувач на градежно земјиште во државна сопственост со фирмата „Никофон“ ДООЕЛ по пат на електронско јавно наддавање. Кривичната пријава, велат од Обвинителството, беше поднесена без да биде приложен ниту еден доказ за да бидат поткрепени наводите.
По приемот на кривичната пријава и по анализа на наводите во неа, јавниот обвинител презел голем број дејства за да се направат неопходните проверки врз основа на релевантни писмени и вербални докази.
„Беа испитани нотарот пред кого беше солемнизиран договорот за отуѓување на земјиштето, претставник на Министерството за транспорт и врски, двајца претставници од Општина Центар, претставник на купувачот ‘Никофон’ ДООЕЛ, претставник од Стопанска банка АД Скопје, каде што бил подигнат кредитот, како и претставник на Државното правобранителство. Воедно, секој од испитаните од страна на надлежниот јавен обвинител беше задолжен наводите во своите искази да ги поткрепи со дополнително поднесени писмени докази во рамките на надлежностите во кои постапуваат институциите и правните лица за кои се јавуваат како претставници, а со цел да се утврди хронологијата и динамиката на кривично-правниот настан. Така, вториот испитан претставник на Општина Центар на записник беше задолжен да достави документација за поткрепа на главниот навод во пријавата – дали се преземени мерки по истекот на договорниот рок од издавањето на одобрението за градба. Притоа претставникот на Општината достави делумно појаснување со тоа што презеде обврска да го извести Обвинителството кога конечно ќе заврши постапката по одобрението за градба, која беше во тек. Но, такво известување од Општината до овој момент не е доставено до Обвинителството“, се наведува во соопштението.
При вака неисполнета обврска од страна на претставникот на Општина Центар, Обвинителството не можело во целост да ја утврди фактичката состојба на пријавениот настан, па предметот сè уште е во фаза на предистражна постапка и не е донесена јавнообвинителска одлука.
Во септември годинава надлежниот јавен обвинител на нивно барање примил двајца претставници на Општина Центар и ги запознал со текот на предметот и со преземените и неисполнети обврски на испитаниот претставник на Општината. Во разговорот со нив предмет на интерес на јавниот обвинител бил дали Општината ги презела правните механизми што ѝ стојат на располагање пред надлежните судови доколку сметале дека не се почитувани договорните обврски и дали за тоа го известиле Државното правобранителство.
„Претставниците на Општината наведоа дека такви сознанија немаат во моментот, а дополнително до Обвинителството доставија единствено правилник за определување на цената на градежното земјиште. Со ова тие не постапија по повторното задолжување од страна на јавниот обвинител да ја достават релевантната документација за текот на мерките и дејствата што ги презела Општината во рамките на својата надлежност за заштита на интересот на граѓаните“, велат од Јавното обвинителство.
Вчера градоначалникот на општина Центар, Саша Богдановиќ, рече дека заедно со граѓаните до крај ќе се бори кај „Аутомакедонија“ да не се изгради катна гаража, туку парцелата да им се врати на станарите и да се користи како паркинг./Makfax