11.8 C
Скопје
8. мај 2024
Centar.mk – Вести, бизнис, забава, спорт…
МАКЕДОНИЈАИЗБОР

Почна изградбата на патот од село Бутел до село Љуботен

Почна изградбата на патот од село Бутел до село Љуботен, кој ќе биде долг 5,5 километри и ќе се прошири за уште еден метар, а треба да се заврши во рок од 120 дена, пишува 24инфо.мк.

Премиерот Зоран Заев, кој денеска заедно со градоначалникот на Општина Бутел Велимир Смилевски и директорот на Агенцијата за финансиска поддршка на руралниот развој и земјоделство, Никола Бабовски изврши увид во градежните работи на патот, рече дека Владата за овој проект издвоила повеќе од 11 милиони денари, преку проекти за поддршка на руралниот развој.

– Благодарам на силните капацитети што Бутел можел да ги смогне со овие преку 12 милиони денари, односно преку 200 илјади евра. Ние партиципираме со нешто повеќе од 11 милиони денари преку проектите за поддршка на руралниот развој за овој пат, точно после 28 години од 91 година кога само со придонес, со сопствени пари на локалното население бил направен. Конечно државата, општината ставаат овде рака и тоа покажува спрема својот народ дека инвестираме, инвестираме ваши пари. Тоа се вашите пари кои ги плаќате преку даноци и во општината и во државата, рече Заев.

Тој посочи дека патот ќе отвори голема можност за поголема поврзаност на Љуботен и на целата околина со Бутел и со градот Скопје и ќе отвори можност за развој на руралниот туризам, како и за полесен пристап на земјоделците.

Заев информира дека вчера ги привршиле преговорите со Светска банка, и оти во декември ќе биде потпишан договорот за новиот кредит од 70 милиони евра за локални патишта.

– Апликативната форма почнува буквално од 1 ноември, тоа е денеска, односно од понеделник веќе очекуваме проектни документации. Знам дека општина Бутел има, Градот Скопје има. Целта ни е државата да си ја преземе обврската за кредитот и да ги враќа тие кредити, а да направиме локални патишта што се важни за граѓаните на територијата на целата земја. Да аплицираме, да ги средиме проектите, да провериме дали има ревизија за самите проекти комплетно, за да може час поскоро да почне имплементацијата на вака огромни средства значајни како што е овој проект од 70 милиони евра. рече Заев.

Верува дека до крајот на годината ќе одлучат за распределба на проектите за водовод и канализација пред се од програмата ТАФ, од 35 милиони евра.

– Тоа пред се се однесува за населените места, но истовремено очекуваме до крајот на годината да биде потпишана новата кредитна линија од 50 милиони евра дополнително за водовод и канализација. Наша цел е да постигнеме еднакви услови за живот на граѓаните без разлика дали живеат во населените места или живеат во градот, потенцира Заев.

Градоначалникот на Бутел Смилевски посочи дека изградбата на овој пат е од големо значење поради тоа што дневно го поминуваат две то три илјади луѓе.

– Средствата кои ги добивме од Владата се 11 милиони денари за проширување на патот за пет километри, едно метро е проширувањето, а обврската на општината е да го стави горниот слој рамномерно на целиот постоечки пат, рече Смилевски.

Директорот на Агенцијата за финансиска поддршка на руралниот развој и земјоделство, Бабовски пак, посочи дека овој пат ќе обезбеди проток на добра, услуги и луѓе, како и непречен пристап до урабните средини на повеќе од пет илјади луѓе. Од друга страна, како што рече тој, ќе обезбедиме со добра инфраструктура развој на малите бизниси и останување на младите луѓе во овие средини и економски развој на сите средини во државава.

– Агенцијата обезбеди грант од 11 милиони денари со што покажуваме дека парите од буџетот на Владата се искористува наменски се дава во оние средини каде е тоа најпотребно, бидејќи преку Агенцијата реализираме повеќе од 200 проекти за 80 општини за кои обезбедуваме рамномерен регионален развој на сите урбани средини, но и за сите рурални средини во цела држава, рече Бабовски.