Oд денеска граѓаните на Скопје со сметките на ЈП „Водовод и канализација“ ќе добијат и леток со упатство за правилно одлагање на својот отпад. Во летокот градоначалникот Шилегов им се обраќа на своите сограѓани и им порачува дека со новиот концепт за третирање на комуналниот отпад се надева дека значително ќе се намалат нередот и нехигиената на нашите улици. Исто така, тој потсетува дека прашањето на градската хигиена не зависи само од оние што се задолжени да се грижат за неа, туку и од граѓаните и нивното поведение и само со реализација на својот дел од обврските можеме да се надеваме на поголема хигиена во градот.
Новите 540 статични контејнери за комунален отпад што се набавени имаат поинакви технички карактеристики од старите – собираат трипати повеќе отпад, автоматски се затвораат, може да се отворат и со нога, имаат и рачка за отворање приспособена за користење за лицата со посебни потреби, ги подигнува возило со само еден човек и немаат тркалца што спречува да се разместуваат. Исто така, и 950 канти за џебен отпад се поинакви од претходните затоа што се заштитени од непрописно полнење со кеси полни со домашен смет, а и недостапни се за птиците и уличните животни, кои досега го расфрлаа отпадот насобран во нив.
На задната страна на овој леток се наведени и насоките за правилно одлагање на комуналниот отпад, телефонските броеви за пријавување кабаст и електронски отпад, како и бројот на телефонот на градскиот Инспекторат за да може граѓаните да пријават неправилности.
На денешната седница за советнички прашање градоначалникот Шилегов одговараше како тече реализацијата на новиот концепт за одржување на хигиената во градот.
„Скопје што го затекнавме беше град во кој системите функционираа по инерција со поставеност од средината на осумдесетите години од минатиот век. Значи, како што било во 1985 година, ништо се немаше променето во функционирањето на администрацијата, каде што сè уште надминуваме определени проблеми, а уште потрагично во функционирањето на јавните претпријатија и во видот и квалитетот на услугите што сме ги давале како Град на нашите сограѓани. Затоа, јас често велам не случајно Скопје изгледаше така како што изгледаше и дека сега полека го менуваме неговиот лик. Ние сме на самиот почеток на имплементација на системот за третман на комуналниот отпад во нашиот град и она што го промовиравме пред речиси еден месец и веќе полека можеме да го гледаме на нашите улици како се воведува е само вовед на тоа што следува. Тоа бара и време, и напор и средства, но токму за тоа и сме тука. Денеска, првпат до нашите сограѓани со сметките за вода се испратени и упатства за третман на отпадот“, рече денеска Шилегов.
Тој додаде дека на граѓаните првин треба да им се понудат капацитет, алтернатива, едукација, па потоа казна доколку некој несовесно се однесува, но само по тој редослед.
„Мојата финална цел е за 5 години во Скопје да имаме и целосен систем на селекција и третман на отпадот и негова употреба за доброто на граѓаните. Потребно е повеќе време затоа што треба да се обезбеди инфрструктура со садови за отпад“, порача Шилегов.
Шилегов рече дека Градот планира на крајот на годинава или почетокот на следната во дел од градот граѓаните да вршат пробно делење на отпадот, односно да го делат отпадот на органски и неоргански и тоа да биде еден вид селектирање на нивниот отпад.