23. ноември 2024
Centar.mk – Вести, бизнис, забава, спорт…
МАКЕДОНИЈА

Жерновски до Париз: Направената грешка може и мора да се исправи

Заменик-министерот за надворешни работи, Андреј Жерновски, учествува на 36-тата министерска конференција на меѓународната организација на франкофонијата, која на 30 и 31 октомври 2019 година се одржува во принципатот Монако. Оваа година конференцијата се одржува со мото „Помирување меѓу човештвото и планетата: Перспективи во франкофонскиот простор во пресрет на 50 години од постоењето на организацијата на франкофонијата“.

Во своето денешно обраќање заменик-министерот Жерновски ја реафирмира улогата на земјава како активен член на оваа организација. „Како дел од франкофонското семејство континуирано ги афирмираме вредностите на македонското општество – демократијата, мултиетничноста, толеранцијата и солидарноста“, изјави тој.

Кога станува збор за патот кон полноправното членство во ЕУ, Жерновски ја искористи говорницата во Монако за да упати апел до пријателска Франција и до другите земји членки на ЕУ, кои се дел и од франкофонското семејство: „Ние ги разбираме позициите на Франција во однос на ЕУ и нејзиното проширување и не бегаме од новата методологија што се најавува. Напротив, го поддржуваме секој нов процес што ќе придонесе за поефективна трансформација на нашето општество, но европската перспектива на Репубика Северна Македонија не смее да биде доведена во прашање“.

Понатаму, говорејќи во овој контекст, нагласи дека сторената грешка со недоделувањето датум за преговори на нашата земја за членство во ЕУ, грешка што е нотирана и во последната резолуција на ЕП, треба да се коригира во интерес на стабилноста на регионот и на цела Европа. „Мојата земја мора да ги почне преговорите со ЕУ како сигнал за продолжување на реформите за кои токму Франција се залага“, изјави Жерновски.

„Од секој аспект Република Северна Македонија, и географски, и културно, и историски, е интегрален дел на Европа и доколку сакаме да зборуваме за силна, мирна и просперитетна Европа, нашата и земјите од регионот треба да бидат дел од ЕУ“, истакна Жерновски.

На маргините на конференцијата заменик-министерот Жерновски оствари билатерални средби со министрите за надворешни работи на Монако, Луксембург, Белгија, Малта, Босна и Херцеговина. На годинешната конференција на франкфонијата учествуваат министри и претставници на држави и влади на 88 земји од сите континенти, во кои се говори и користи францускиот јазик.