Лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски ги отфрли како неточни исказите на обвинителката Русковска дека не сакал да соработува со обвинителството и нагласи дека е подготвен во кое било време, доколку биде повикан, да се појави на распит и да даде исказ.
„Како може да прејудицира обвинител, кој треба да биде странка и да ги заштитува интересите на правдата и вистината, да каже дали ќе прифатам или не, да соработувам со обвинителството и да дали ќе дадам исказ“ рече Мицкоски.
Тој рече дека од месец јуни разменува смс пораки со обвинителката Русковска за нивна средба, во врска со, како што рече, уцената на екс специјалната јавна обвинителка, Катица Јанева, за случајот со замрзнатиот имот на ВМРО-ДПМНЕ, но дека до ден денес не договориле средба.
„На 11 септември беше прес-конференцијата на која зборував за документите кои свиркач ги достави до ВМРО-ДПМНЕ. За сево ова имам докази и подготвен сум да докажам се“ изјави лидерот на опозициската партија.
Мицкоски ја осуди цензурата врз новинарите и повика јавното обвинителство и останатите институции да си ја завршат работата согласно законите, без вршење каков било притисок на новинарите./Makfax