Владата предводена од СДСМ преку одговорно и домаќинско работење покажа и докажа дека води вистинска грижа за земјоделците, велат од владејачката партија.
Од таму посочуваат дека Владата заедно со ресорното министерство гради партнерски однос со земјоделците бидејќи мерките се донесуваат во консултација со нив.
„Во таа насока е и одлуката за нова дополнителна субвенција за предадено јагне во износ од 400 денари, со цел да се намалат загубите на одгледувачите на овци поради ниската откупна цена. 195 милиони денари се исплатија во два дена за дополнителната субвенција од 5 денари за килограм предадена оризова арпа и за субвенцијата за предадено млеко, пари коишто директно легнаа на сметките на вкупно 7.872 земјоделци“, се наведува во партиското соопштение.
„75 милиони денари легнаа на сметките на 1.460 земјоделци за овошните култури предадени во преработувачки капацитети. Дополнително со ребалансот се планирани 160 милиони денари за исплата на дополнителната субвенција од 3 денари за килограм предадени индустриски јаболка кај откупувачи“, велат од СДСМ.
Од таму истакнуваат дека донесен е и нов модел за повисоки субвенции за тутунарите во три нивоа:
„Субвенцијата за прва класа е 80 денари, за втора 70 денари за трета и останатите класи 60 денари за килограм. Сите субвенции за тутунот од реколта 2018 се исплатени, или вкупно 28 милиони евра. Последните две години се постигна највисока откупна цена на тутунот, односно за реколта 2017 цената беше 217,6 денари, а за реколта 2018 откупната цена беше 214,2 денари за килограм“.
Во соопштението се нагласува и дека владата предводена од СДСМ, покрај тековните аграрни мерки, ги решавала и, како што се вели, наследените долгови кон лозарите.
„Винарските визби Повардарие, Стефани и другите регистрирани винарници имаа долг за предаденото грозје во 2014 и 2016 година во вредност од над 1 милион и 250 илјади евра на 2.048 лозари. Претходно, се исплатија 9 милиони евра за основната субвенција за одржување на лозови насади и над 1 милион евра легнаа на сметките на 6.240 лозари, за дополнителната субвенција од 1 денари за килограм предадено грозје во регистрираните винарски визби“, велат од СДСМ и порачуваат дека владата која ја предводи оваа партија е вистински пример како се цени и вреднува трудот на земјоделецот.