Пет возила биле запалени утрово во Штип, од нив три целосно се изгорени, а две делумно. Инцидентот се случил изутринава околу 5 часот во штипската населба Сењак.
Меѓу возилата кои целосно изгореле се двете возила на семејството Тушеви. Едното возило е на Никола Тушев, кој е поранешен претседател од огранокот на СДСМ во Штип, а другото на неговиот татко Мите Тушев. Тие се брат и татко на поранешната пратеничка од СДСМ Маринела Тушева. Возилата биле паркирани на различни места на паркингот.
Пожарот во СВР Штип бил пријавен рано изутрината по пет часот.
„Изутрината во 5:25 часот во СВР Штип е пријавено дека на улицата Борис Крајгер во населбата Сењак се опожарени три возила. Двете се од марка ‘пасат’, сопственост на Н.Т.(32) и на М.Т.(63) и ‘опел астра’ сопственост на О.М.(61), а делумно се опожарени уште две други возила. Увидот е во тек, а со настанот е запознаен и јавен обвинител“, изјавија од СВР Штип./Makfax