Субвенции за чартер-летови, автобуси од сите места на поаѓање и субвенции во железничкиот превоз предложија денеска претставници на Туристичко-угостителската комора (ТУК), Здружението ХОТАМ и Националната асоцијација за дојдовен туризам (НАИТАМ), на средбата со министерот за економија, Крешник Бектеши.
На состанокот пред министерот беа презентирани предлозите за нови модели за субвенционирање на странски туристи, но нов модел за осигурување од одговорност кај туроператорите.
Министерот Бектеши изрази задоволство што првпат во изминативе неколку години три здруженија од туристичко-угостителската дејност се здружија со заеднички предлози со цел подобрување на состојбите во овој сектор.
Тој потенцираше дека во текот на оваа година за таа цел беше донесен Законот за туристичка и угостителска дејност, а во моментов се работи на подзаконските акти.
„Тука сме да ги подобриме сите законски решенија согласно со европската пракса. Денеска веќе ги дискутиравме предлогозите на трите здруженија и јас како министер за економија следната неледа ќе свикам состанок со работната група која работи на изготвување на подзаконските акти. Сметам дека за кратко време ќе изнајдеме заеднички прифатливо решение. Бидејќи сега се работи на изготвување на буџетот за 2020 година, многу е важно за туроператорите да имаат информација за нашите мерки и чекори, бидејќи на тој начин ќе имаат предвидливост за тоа кои се условите за субвенционирање на странски туристи“, потенцираше Бектеши и додаде дека и Министерството за економија и Владата секогаш ќе бидат партнер на бизнис-заедницата за да се изнајде решение што ќе биде во интерес на сите чинители во овој сектор.
Новиот модел на субвенционирање што го предлагаат претставниците од ТУК, ХОТАМ и НАИТАМ предвидува: субвенции за чартер-летови. Тука станува збор за авиопревози кои имаат капацитет на леталата до 130 патници – 7.500 евра по лет, потоа авиопревози кои имаат капацитет на леталата над 130 патници – 14.000 евра по лет и редовни авиолинии над 10 патници – субвенција по патник.
Понатаму, здруженијата предлагаат субвенции за автобуси од сите места на поаѓање: субвенционирање на автобуски чартер-линии со автобус до 30 патници – 500 евра по автобус и сувенционирање на автобуски чартер-линии со автобус над 30 патници – 1000 евра по автобус.
Како трета точка предложени се и субвенции во железничкиот превоз, поконкретно за минимум група од 10 патници-пресметано по патник. Како услов за сите групи е минимум престој од 5 дена.
Во делот на моделот на осигурување од одговорност кај туроператорите претставниците од трите здруженија предлагаат три можности, а тоа е воведување гарантен фонд, банкарска гаранција и осигурување од одговорност со вклучена несолвентност./Makfax